СТОТИЦИ УЧЕНИЦИ ОД ДОЛНЕНИ НЕ ОДАТ НА ШКОЛО ОТИ УШТЕ НЕМА ПРЕВОЗ ДО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ПРИЛЕП

    СТОТИЦИ УЧЕНИЦИ ОД ДОЛНЕНИ НЕ ОДАТ НА ШКОЛО ОТИ УШТЕ НЕМА ПРЕВОЗ ДО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ПРИЛЕПДневниот повратен билет од Долнени до Прилеп изнесува 200 денари, па оние ученици кои одлучиле на свој трошок да патуваат неделно ги чини по 1.000 денари. (Фото: СДК.МК)

    Поминаа скоро два месеца од почетокот на школската година, а стотици ученици од Општина Долнени уште се без бесплатниот школски автобуски превоз до прилепските средни училишта. Почнаа тестирањата за оценка на тромесечјето, а дел од учениците или не одат воопшто на школо или се нередовни зашто превозот го плаќаат сами.

    „Ова се случува за време на локални избори кога на сите страни се ветуваа патишта, а никој не кажа како да се обезбеди автобус за учениците да стигнат до училиште оддалечено 12-13 километри“, велат родители на учениците.

    Дневниот повратен билет од Долнени до Прилеп изнесува 200 денари, па оние ученици кои одлучиле на свој трошок да патуваат неделно ги чини по 1.000 денари.

    „Професорите почнаа да нè бараат за оценување, а ние настава не сме следеле, како да одговараме. Соучениците ни фотографиираат од предавањата, но тоа не е доволно“, велат средношколци од Долнени.

    Општина Прилеп има обврска да го организира превозот бидејќи училиштата се на нејзина територија. На 3 октомври, досегашниот градоначалник на Општина Прилеп Борче Јовчески, кој не беше кандидат за втор мандат, во телефонски разговор ни вети дека за два дена ќе се реши проблемот. Но, оттогаш не успеавме да го добиеме на телефон. Воедно и лицата кои ни беа посочени за односи со јавност во Општината, не одговорија на нашите прашања за тоа кога учениците ќе добијат превоз?

    Единствено добивме одговор преку барање за слободен пристап до информации дека јавниот повик за превозник го објавиле на 27 јуни 2025, а по истекувањето на рокот од 30 дена за пријавување на економски оператор комисија направила избор. Но, од друг превозник одлуката била обжалена до Комисијата за жалби од јавни набавки (ДКЖЈН) која доставила одговор до Општината на 29 септември. Од Општината на 13 октомври најавија дека соодветната комисија веднаш пристапила кон спроведување на решението. Но, учениците уште се без превоз.

    Новоизбраниот градоначалник на Прилеп Дејан Проданоски, кој уште не стапил на функцијата , вчера ни одговори дека имаат сериозен проблем, дека нема увид кога точно ќе почне превозот, но ќе го решат.

    Превозници на кои им е познат случајот велат дека Државната комиија ја уважила жалбата на друг превозник, па одлуката треба да биде објавена, а потоа ќе тече период на жалба.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира