Жителите на Скопје, главниот град затрупан со купишта ѓубре, особено треба да внимаваат на децата, бебињата и милениците во оваа ситуација идеална за глувците за ширење на најзаразни болести, особено лептоспироза и туларемија, вели Ивица Апостолов, вработен на Институтот за клиничка биохемија и претседател на Здружението на медицински лаборанти. Со денови Скопје е под купишта ѓубре, бидејќи Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ нема исправни камиони, не се собира сметот, а купиштата само се натрупуваат. Состојбата беше слична и во текот на летото и на температури околу 40 Целзиусови степени.
Според епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, купиштата ѓубре создадоа идеални услови за развој и размножување на глувци и стаорци – познати преносители на сериозни заразни болести: лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума.
„Од една страна, имаме неизвршена дератизација на шахти во градот, со исклучок на одреден број и дел на шахти во Општина Карпош која сама тоа општината го направи, но џабе е, бидејќи канализацијата во Скопје е поврзана со ‘џебови’ кои стаорците и глувците ја минуваат без никаков проблем, а од друга страна имаме послужен ‘шведски стол’ за глодарите со храна во изобилие кое го имаме пред контејнерите низ целиот град“, вели Апостолов.
Според него, освен што ние како луѓе треба да се пазиме од глувците, во исто време треба да се пазат домашните миленици, за кои апелира да се вакцинираат против лептоспироза, која е законска обврска на секој кој чува миленик куче.
„Доколку вашиот миленик се зарази со лептоспироза, поготово сега со кошмаров кој го имаме со сметот и глувчиниот измет по улиците, верувајте ми дека тешко ќе го спасите животот на вашето милениче, а за деца и бебиња воопшто нема потреба да споменуван, најмалку да пишувам или пак да зборувам за инфективноста и смртноста на вектор преносливите болести, а кои се со исклучително висок процент на контагиозност“, вели Апостолов.

Д-р Даниловски вели дека заразните болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите. – Купишта ѓубре зад една од зградите на Плоштадот Македонија во најстрогиот центра во Скопје. (Фото: К. Попов)
Апостолов рече дека според Центарот за контрола на болести, и стаорците и глувците се одговорни за пренесување на преку 35 болести ширум светот.
Близината на стаорците до местото каде што јадеме, живееме и одиме во секојдневниот живот, може да биде вознемирувачка бидејќи има многу опасни болести поврзани со глодари кои можат да ги погодат луѓето како што се: хантавирус, треска од каснување од стаорец, чума, тифус на глувци, лептоспироза, лајма болест, свинска дизентерија и салмонела.
Преку нивното крзно, плунка, урина и измет, стаорците и глувците можат да пренесат болести од загадените области и да го забрзаат ширењето на овие болести со голема брзина, а тие се вектори на најзаразните болести, т.е. тие се живи организми кои можат да пренесат заразни болести меѓу луѓето или од животните на луѓето.
„Не заборавајте дека вектори се и болвите, комарците, но најстрашно во сегашнава ситуација се стаорците, а според Светската здравствена организација (СЗО) од векторите кои што ги набројав над 1 милијарда случаи и над 1 милион смртни случаи се од болести пренесени од вектор секоја година во светот и всушност болестите кои се пренесуваат преку вектор сочинуваат над 17% од сите заразни болести денес. Болестите кои што се шират од глодари се наведени и како црна смрт или бубонската чума која е една од најпознатите векторски болести на глодари, одговорна за поголемиот дел од смртните случаи за време на средновековната ера во Европа“, кажа Апостолов.
- СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЌЕ БАРААТ КАМИОНИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ ЗА СОБИРАЊЕ НА ЃУБРЕТО
- РАСИПАНИ СЕ КАМИОНИТЕ НА СКОПСКА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“, НЕМА НИ РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, КАЖА СИНДИКАТОТ И НАЈАВИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РАКОВОДСТВОТО
-
Некои болести кои директно или индиректно се пренесуваат од глодари се: ласа треска, лантавирус (Hantavirus Pulmonary Syndrome), Лептопироза, чума, треска од каснување од стаорец, салмонелоза, јужноамерикански аренавирус, туларемија, Колорадо крлеж треска, рикецијални сипаници и бабезиоза.
Д-р Даниловски вели дека заразните болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите. Познато е, вели, дека стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци.
Скопје со месеци е Елдорадо за глодарите. (Фото: К. Попов)
„Прашањето што се поставува е: Колку ли се накотени досега, кога условите се оптимални, а сметот се натрупува со месеци (и години)? Епидемиолошките ризици во вакви услови се реални и растат експоненцијално. Историјата нè потсетува дека неконтролираното ширење на глодари може да има катастрофални последици. Во Средниот век, меѓу 1347 и 1352 година, бубонската чума („црната смрт“) однесе од 75 до 200 милиони животи – речиси половина од населението на Европа. Секако, денес имаме научна медицина, јавноздравствени системи и антибиотици, но би било неодговорно да дозволиме да се создава биолошки резервоар на зараза во срцето на главниот град. Каснувањето на дете од глушец во училишен двор е црвена линија што не смееше да се премине! Потребна е најитна, координирана интервенција на сите надлежни институции – по потреба и со прогласување вонредна состојба на делови од територијата на градот. Првенствено заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје“, апелира д-р Даниловски.
Професор д-р Никола Пановски, професор во областа микробиологија со паразитологија, вчера апелираше дека вториот круг од Локалните избори заедно со рокот на жалби, предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9 ноември и дека за 18 дена стаорците, па и глувците може енормно да се размножат.
„Скопје веќе 20 дена е Елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за едем месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња. Значи и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодарки кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат ќе ни влезат дома“, вели Пановски.
Основното јавно обвинителство Скопје на 21 октомври издаде наредби до Министерството за внатрешни работи и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на „Комунална хигиена“.
Директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми не се појави во јавност ниту одговара на телефонски повици на медиумите за да каже зошто не се собира ѓубрето.
Владата на 21 октомври ги задолжи Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со МВР, во рамките на своите законски надлежности да пристапи кон утврдување на состојбата со комунален отпад и да превземе соодветни мерки и активности. Денес одржан е координативен состанок помеѓу споменатите институции и добиени се насоки, секоја институција да одговори согласно надлежностите.
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) е побарано да достави експертско мислење за тоа какво влијание може да има отпадот врз јавното здравје, како и епидемиолошки мерки врз база на доставени записници од инспекторат, каде е констатирана фактичка состојба.
„Стручни лица од ИЈЗ, до петок ќе го разгледаат доставениот материјал и ќе дадат соодветно мислење“, велат од Институтот за јавно здравје.
Б. НЕСТОРОСКА