ПРВАТА ЏИНОВСКА ПАСТРМАЛИЈА НА МАКФЕСТ ЈА НАПРАВИВМЕ ВО 1987 ЗА СТОТЕ НОВИНАРИ ОД ЈУГОСЛАВИЈА, ВЕЛИ ДОПИСНИКОТ НА САКАМДАКАЖАМ.МК ТОДОР ЈОВАНОВСКИ КОЈ ДОБИ ПЛАКЕТА ЗА РАЗВОЈОТ НА ФЕСТИВАЛОТ

    ПРВАТА ЏИНОВСКА ПАСТРМАЛИЈА НА МАКФЕСТ ЈА НАПРАВИВМЕ ВО 1987 ЗА СТОТЕ НОВИНАРИ ОД ЈУГОСЛАВИЈА, ВЕЛИ ДОПИСНИКОТ НА САКАМДАКАЖАМ.МК ТОДОР ЈОВАНОВСКИ КОЈ ДОБИ ПЛАКЕТА ЗА РАЗВОЈОТ НА ФЕСТИВАЛОТ„Јас сум современик со Макфест уште од неговите почетоци, па и пред тоа кога се создаваше иницијативата за фестивал“, вели новинарот Тодор Јовановски. (Фото: СДК.МК)

    Дописникот на САКАМДАКАЖАМ.МК од Штип  Тодор Јовановски доби плакета за евидентен придонес за развојот на Макфест, по повод 40-годишниот јубилеј на фестивалот. Јовановски е современик на Макфест и го следи од првото издание во 1986, кога победи словенечката пејачка Хелена Благне со „Кога те нема“.

    „Иако добивав награди како дописник на ‘Би-Би-Си’ од Лондон и Радио Дојче веле од Германија, сепак ова признание по повод јубилејот на Макфест ми е мошне драго. Посебна продукција за Макфест имав кога бев дописник на весникот Вест од 2000 година, а подоцна и за дигиталната редакција на САКАМДАКАЖАМ.МК со која и денес соработувам. Всушност, јас сум современик со Макфест уште од неговите почетоци, па и пред тоа кога се создаваше иницијативата за фестивал. Како новинар на Радио Штип, пред 40 години заедно со тогашните колеги ги почнавме директните радиопреноси од сите прес-конференции на Макфест и тонски од целата фестивалска програма. Во тие преноси гостуваа голем број пејачи и колеги новинари“, вели Јовановски.

    Победата на Хелена Благне ја памети по личната прогноза.

    „Како вчера да беше. Таа година кога победи Хелена, пред финалната вечер гостуваше на програмата на Радио Штип. Тогаш јавно на крајот од разговорот ѝ реков дека според нејзината изведба, текстот и музиката, има права фестивалска песна и дека според мое мислење, сигурно победува. Хелена само се насмеа и рече дека не верува. Но, кога тоа се случи, првото парче торта што тогаш традиционално ја сече победникот по завршувањето на фестивалската програма, Хелена Благне ми го даде токму мене и ми честиташе на прогнозата и за музичкиот осет што го имам“, вели Јовановски.

    Неговиот придонес за Макфест не е само со објавените текстови, за кои вели дека ако Макфест досега имал над илјада песни, тој за овие 40 години имал продукција од исто толку текстови и други слични, тонски и други записи. Заедно со неговите колеги сакале уште повеќе да помогнат и да го афирмираат градот и со нешто друго.      

    Според неговите сеќавања за кои вели дека пресни, првиот Макфест бил бум за Македонија и за целиот Балкан. За вториот Макфест во 1987 дошле над 100 акредитирани новинари од сите тогашни југусловенски републики, па за да бидат добро пречекани Јовановски организирал нешто специјално за колегите од земјата и од странство. Тој и колегите не барале помош од тогашниот директор Стојан Троицки, само го информирале дека ќе направат нешто за сите новинари што ќе се памети и тоа веднаш било прифатено.  

    „Со мојот колега од радиото Стево Наумов, за жал починат, договоривме да направиме џиновска пастрамалија за стотината акредитирани новинари која по димензиите е најголемата досега (долга 5,5 метри, а широка 1,8 метри). Таа пастрмајлија беше инспирација да се направи нешто слично 17 години подоцна за време на штипската Пастрмалијада. Фестивалската пастрмалија беше сервирана во тогашниот хотел ‘Астибо’, денес ‘Оаза’ каде се одржуваа прес-конференциите. Беше толку голема, богата и вкусно подготвена што јадеа сите присутни новинари, а остана и за останатите граѓани кои слободно влегуваа во хотелот“, ни рече Јовановски.  

    Вели дека штета што од оваа пастрмајлија нема фотографија за спомен.

    „Фотографијата не успеавме да ја најдеме ниту кај единствениот тогашен фоторепортер, Стојан Хаџијанев, сега починат“, рече Јовановски.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира