УАПСЕНИ ДВАЈЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА КРАЖБАТА НА НАКИТОТ ВО ЛУВР, БЕГАЛЕ ЗА АЛЖИР И МАЛИ

    УАПСЕНИ ДВАЈЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА КРАЖБАТА НА НАКИТОТ ВО ЛУВР, БЕГАЛЕ ЗА АЛЖИР И МАЛИПредмети во вредност од 88 милиони евра беа украдени од најпосетуваниот музеј во светот на 19 октомври, кога четворица крадци со електрични алати влегоа во зградата среде бел ден. (Фото: АП)

    Двајца осомничени се уапсени поради кражбата на скапоцениoт накит од парискиот музеј Лувр, пренесуваат француските медиуми. Парискиот обвинител соопшти дека еден од мажите е приведен додека се подготвувал да полета од аеродромот „Шарл де Гол“. Апсењата се извршени синоќа, но не прецизираше колку лица се приведени.

    Според изјавите на полициски извори за француските медиуми, еден од осомничените се подготвувал да патува за Алжир, а другиот одел во Мали. Полицијата  може да ги испрашува до 96 часа.

    Предмети во вредност од 88 милиони евра беа украдени од најпосетуваниот музеј во светот минатата недела, кога четворица крадци со електрични алати влегоа во зградата среде бел ден. Истражителите пронајдоа повеќе од 150 примероци од ДНК, отпечатоци од прсти и други траги на местото на грабежот.

    Парискиот обвинител го критикуваше „прераното откривање“ на информации поврзани со случајот, додавајќи дека тоа ги попречува напорите за враќање на накитот и пронаоѓање на крадците.

    Лувр беше евакуиран и затворен на 19 октомври наутро откако четворица маскирани крадци упаднаа во галеријата Аполо, дом на преостанатите крунски скапоцености на Франција. Тие провалија во две витрини и побегнаа со осум парчиња накит кој некогаш бил во сопственост на француски кралици и царици, со проценета вредност од 88 милиони евра. Влегле во најпосетуваниот музеј во светот користејќи кран за да скршат прозорец на горниот кат за време на работното време, а избегале со мотоцикли.

    Вчера, пет дена по спектакуларниот грабеж во Лувр, дел од вредната колекција накит на музејот беше префрлен во Банката на Франција од безбедносни причини. Накитот беше транспортиран под полициска придружба до блиските трезори на француската централна банка. Банката на Франција, која ги чува златните резерви на земјата во огромен трезор 27 метри под земја, е оддалечена само 500 метри од Лувр, на десниот брег на реката Сена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира