Занбранета е за пиење водата во Тетово, поради заматување од обемните дождови кои последниве два дена паѓаа во Полошкиот Регион и посебно на Шар Планина, каде се наоѓаат изворите кои го снабдуваат градот питка вода, велат од ЈП „Шар“. Намален е и дотокот на вода во градскиот водовод, а навечер има и рестрикции.
„Поради обилни врнежи од дожд, контаминирана вода од неколку извори навлегла во резервоарите за вода. Како превентивна мерка снабдувањето со вода за пиење е ограничено до 21:00 часот. Граѓаните се замолуваат водата да ја користат само за основни потреби (како хигиена и чистење), сè додека не завршат новите лабораториски анализи“, соопшти „Шар“.
Денеска во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Тетово, кој врши контрола на водата за пиење во градскиот водовод, ги обработуваат мострите вода земени на повеќе локации во градот. Според првичните информации, водата утрово е избистрена, првичните физичко-хемиски параметри се добри, но додека не се добијат и биолошките податоци, а тие се очекуваат да бидат готови в среда, се препорачува водата од градскиот водовод да се користи само за техничка употреба.
„Првичните резултати од анализата на водата влеваат оптимизам, заматеноста е намалена и е во рамките на дозволените граници, редовно се хлорира и ова дава надеж, а го велам и врз основа на добиените резултати но и врз моето досегашно искуство, дека и биолошките параметри, кои треба да бидат готови в среда, ќе бидат во границите на дозволеното. Сепак, препорачувам додека не пристигнат и тие податоци, водата од градскиот водовод да не се користи за пиење туку само за техничка употреба. Препорачувам користење на флаширана вода или ако се користи водата од градскиот водовод да се преврие најмалку 10 минути“, вели д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје од Тетово.
З. АНДОНОВ



