ЈАПОНИЈА ГО ПРЕЧЕКА ТРАМП СО ЦРВЕН ТЕПИХ, АМЕРИКАНСКИ ОРИЗ ЗА РУЧЕК И СО ВЕТУВАЊА ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО САД И НОМИНАЦИЈА ЗА НОБЕЛОВА НАГРАДА

    ЈАПОНИЈА ГО ПРЕЧЕКА ТРАМП СО ЦРВЕН ТЕПИХ, АМЕРИКАНСКИ ОРИЗ ЗА РУЧЕК И СО ВЕТУВАЊА ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО САД И НОМИНАЦИЈА ЗА НОБЕЛОВА НАГРАДАТрамп имаше само пофални зборови за Санае Такаичи (Фото: АП)

    Пречекен со црвен тепих, Доналд Трамп ја фалеше новата јапонска премиерка Санае Такаичи, го поздрави нејзиното ветување за забрзано зајакнување на војската и потпиша договори за трговија и ретки метали за време на денешната посета на Јапонија.

    Такаичи, штитеничка на покојниот јапонски премиер Шинзо Абе, со кого Трамп играше голф, ветила дека ќе го номинира американскиот претседател за Нобелова награда за мир за неговите напори за решавање конфликти во светот, кажа портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.

    „САД ќе бидат тука за сè што сакате, за сите услуги што ви се потребни, за сè за да ѝ помогнете на Јапонија. Америка е сојузник на Јапонија на најсилното ниво. Нашето прекрасно пријателство произлезе од пепелот на ужасна војна“, ѝ кажа Трамп на Такаичи.

    Тој рече дека потпишаните договори, кои вклучуваат царини од 15% и јапонски инвестиции од 550 милијарди долари, означуваат нова доба во американско-јапонските односи.

    Трамп долго време бараше од Јапонија да купува ориз од САД, па за ручекот во палатата Акасака се служеа „американски ориз и американско говедско приготвени со јапонски состојки“, како што објави Белата куќа.

    Трамп ги пофали напорите на Јапонија да купува повеќе американска воена опрема откако во минатото ја критикуваше дека не троши доволно на одбраната. Најави дека Јапонија ќе добие американски проектили порано од планираното.

    Трамп и Такаичи потпишаа договор за зголемување на залихите на критични минерали и ретки метали, додека нивните земји се стремат да ја намалат доминацијата на Кина во некои области на клучни електронски компоненти.

    За крај на својата азиска турнеја, Трамп патува за Јужна Кореја, каде што в четврток треба да се сретне и со кинескиот претседател Шји Џинпинг, со цел да стават крај на својата трговска војна.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира