НИТУ ЕДНА ВОЗРАСТ НЕ Е ПОШТЕДЕНА ОД МОЗОЧНИОТ УДАР, ГОДИШНО ИМА ПО 5.000 НОВИ СЛУЧАИ, ВЕЛАТ ДОКТОРИТЕ ОД КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОЛОГИЈА

    НИТУ ЕДНА ВОЗРАСТ НЕ Е ПОШТЕДЕНА ОД МОЗОЧНИОТ УДАР, ГОДИШНО ИМА ПО 5.000 НОВИ СЛУЧАИ, ВЕЛАТ ДОКТОРИТЕ ОД КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОЛОГИЈАДиректорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски кажа дека во однос на дијагностиката на мозочните удари, имаат соработка и со Институтот за радиологија, но со оглед на бројот на пациенти не секогаш протокот на пациенти односно добивањето резултати е брз и едноставен. - Со министерот за здравство Азир Алиу. (Фото: Министерство за здравство)

    Во Македонија годишно има околу 5.000 нови случаи со мозочен удар и спаѓа во земји со средна инциденца и преваленца, а тоа значи дека има 200 до 300 мозочни удари на 100.000 жители, а преваленцата изнесува 500 до 600 на 100.000 жители. Ниту една возраст не е поштедена од мозочен удар, значи може да се појави и во детската возраст, рече проф. д-р Анита Арсовска, шеф на Одделот за ургентна неврологија при Клиниката  за неврологија, на одбележувањето на Светскиот ден на мозочниот удар.

    Според д-р Арсовска, кога некој има мозочен удар многу е важно времето и брзото препознавање на симптомите и знаците: одземен говор, искривување на лицето, парализа на едната страна од телото односно на раката или на ногата и треба што побрзо пациентот да се донесе во најблиската здравствена установа, т. е. на Клиниката за неврологија, каде доколку се работи за исхемичен мозочен удар во првите три до четири и пол часа од почетокот на симптомите може да се аплицира интравенска тромболиза, а тоа е средство за разбивање на тромбот. Во некои случаи, вели таа, може да има главоболка, нестабилност, проблеми со гледањето и слично.

    На Клиниката ги третираат и случаите на возраст над 14 години и тие се нивни најмлади пациенти.

    „Мажите на возраст од 60 до 69 години се позасегнати, но како се зголемува возраста жените почесто страдаат од срцеви заболувања и атријална фибрилација, така што во повозрасната група жените се позасегнати за добијат мозочен удар. Споредено со последните неколку години не може да се каже дека е поместена границата, меѓутоа е интересно дека класичните фактори на ризик се присутни и кај помладата популација на возраст под 45 години“, рече д-р Арсовска.

    Додаде дека мозочниот удар рано се дијагностицира со помош на неуро имиџинг дијагностички методи односно се прави компјутеризирана томографија на мозокот, имаат и протоколи како се бодираат и испитуваат пациентите и доколку ги исполнуваат инклузионите критериуми веднаш се пристапува кон аплицирање на интравенска тромболиза.

    Директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски кажа дека во однос на дијагностиката на мозочните удари, имаат соработка и со Институтот за радиологија, но со оглед на бројот на пациенти не секогаш протокот на пациенти односно добивањето резултати е брз и едноставен.

    „Во таа насока веќе има идеја да се набави магнет кој ќе биде за Клиниката за неврологија. На тој начин би се подобрил квалитетот на добивањето услуги и би се растоварил и Институтот, бидејќи тие пациенти кои бараат магнетна резонанца сега единствено се снимаат само таму. Јас сум само две недели на оваа функција и после вториот круг од локалните избори ќе разговараме со министерот за здравство доколку има можност да се набави и тоа би било заокружување на тој еден процес на дијагностика на нашите пациенти”, додаде Божиновски.

    Според д-р Арсовска, факторите на ризик за мозочен удар може да се поделат во две големи групи, а тоа се модифицирачки и немодифицирачки фактори, на кои не може да се влијаат, но може да се влијае на зголемениот крвен притисок, кој е најчест причинител за мозочен удар, зголемината вредност на шеќер во крвта, маснотии, заболувањата на срцето, крвните садови, пушењето, стресното живеење, аерозагадувањето.

    „Сите овие причинители можеме да ги спречиме и над 90 проценти од мозочните удари може на ваков начин да се превенираат“, кажа д-р Арсовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира