„Алкалоид“ годинава по 22. пат учестува на најреномираниот светски собир во областа на фармацијата CPhI (Convention of Pharmaceutical Ingredients). Под мотото „Во срцето на фармацевтската индустрија“, собирот се одржува од 28 до 30 октомври во Франкфурт, Германија, а тимот на „Алкалоид“ и оваа година има репрезентативно и современо саемско претставување, преку кое го пренесува мотото на компанијата „Здравјето пред сè!“.
Тим со 35 претставници од различни организациски сектори на „Алкалоид“ учествува на 36. издание на фармацевтскиот собир, кој за време на три интензивни саемски денови во својата агенда има повеќе од 400 деловни средби со постојни партнери, добавувачи и со нови потенцијални соработници.
„За ’Алкалоид’ CPhI претставува стратешка глобална платформа за следење на најновите научни и технолошки достигнувања во фармацевтската индустрија. Како компанија, уште во раните 2000-ти години ги препознавме можностите што ги нуди овој глобален собир како во делот на вмрежувањето и градењето партнерства така и во поглед на следењето на клучните трансформации и иновации во рамките на генеричката фармацевтска индустрија. За ’Алкалоид’ CPhI овозможува директен увид во најновите трендови и технологии – од вештачката интелигенција и одржливите производствени практики до нови молекули, формулации и решенија за оптимизација на глобалниот синџир на снабдување. CPhI е единствена можност за средби со постојни и потенцијални партнери – производители, добавувачи, регулаторни консултанти и истражувачки центри – со што се поттикнува создавањето нови синергии и партнерства“, кажа генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Како водечка светска платформа што ги поврзува фармацевтските професионалци, годинава CPhI во Франкфурт собра повеќе од 62.000 посетители и над 2.400 изложувачи од целиот свет. Во текот на своето три и пол децениско постоење, CPhI прерасна во најголемата меѓународна фармацевтска заедница, која обединува стотина илјади експерти и компании што активно придонесуваат кон развојот и напредокот на глобалниот синџир на динамичната фармацевтска индустрија.
*Комерцијална презентација



