НЕМАЛЕ ПАРИ ЗА ВЛОШКИ 105 УЧЕНИЧКИ ОД БИТОЛА, АКТИВИСТКИТЕ БАРААТ ОД ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ  ДА СЕ НАБАВАТ МЕНСТРУАЛНИ ПРОИЗВОДИ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА 

    НЕМАЛЕ ПАРИ ЗА ВЛОШКИ 105 УЧЕНИЧКИ ОД БИТОЛА, АКТИВИСТКИТЕ БАРААТ ОД ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ  ДА СЕ НАБАВАТ МЕНСТРУАЛНИ ПРОИЗВОДИ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА Истражувањето покажа дека во Битола има вкупно 1.856 ученички во средните училишта, од кои 158 од семејства со социјален ризик што е 8,5 отсто од средношколките (Архивска фотографија)

    Менструални влошки не биле во можност да набават 105 ученички од Битола од семејства со социјален ризик, покажа проектот „За менструална правда“ спроведен од Организацијата на жени од Битола во партнерство со „Саншајн кидс“ Кичево, финснсиран од ЕУ.
    Во истражувањето дојдоа до податок дека во Битола има вкупно 1.856 ученички во средните училишта, од кои 158 од семејства со социјален ризик што е 8,5 отсто од средношколките. Со анкетните прашалници беа опфатени 300 ученички од кои 105 одговориле дека не се во можност да набават менструални влошки.

    Во септември годинава поставија три диспанзери со менструални влошки и влажни шамивчиња во тоалетите на едно од битолските училишта набавени преку Граѓанскиот ресурсен центар и приватна донација. (Фото: СДК.МК)

    „Тоа води до изостанување од училиште и социјална изолација, а отсуствата не се оправдани. Во анкетните прашалници ученичките го потврдуваат тоа, а и во разговор со професорите ни беше кажано дека им е забрането да им ги оправдуваат отсуствата поради менструација“, вели координаторката на проектот Светлана Папачек од Организацијата на жени.

    Во Законот за здравствена заштита во Македонија нема специфична програма за менструални производи. Во Шкотска има Закон за бесплатен пристап до менструални производи од 2020 година. Во Тајван од 2023 година добиваат менструални производи или купони за набавка. Во Шпанија имааат три слободни дена за болен менструален циклус. Во Чешка од 2026 сите училишта ќе се обврзани да обезбедат менструални производи.

    Во септември 2о23, Собранието ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност кој предвидува намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи (влошки, тампони, чашичка и слични производи). Со намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто на производите за менструација ќе се намали продажната цена.

    Кога го започнаа проектот  во јануари, Организацијата на жени во Битола констатира дека има училиштата каде недостига тоалетна хартија, нема диспанзери за менструални производи и нема услови за менструална хигиена. Во семејствата каде во просек има барем две жени, потребни се 840 денари месечно за менструални производи. Затоа, во септември годинава поставија три диспанзери со менструални влошки и влажни шамивчиња во тоалетите на едно од битолските училиштa. Диспанзерот и производите ги снабдија преку Граѓанскиот ресурсен центар и приватна донација.

    Жената во Македонија во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка, покажаа резултатите од студијата за пристапот до менструална хигиена во Македонија насловена „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, објавена во 2021.

    Од Организацијата на жени во Битола изработија и иницијатива која ќе ја поднесат до Општина Битола за да издвои средства од Буџетот за обезбедување бесплатни менструални хигиенски производи за средните училишта.

    „На тој начин ќе се гарантира редовно финансирање и достапност до вакви производи во сите средни училишта во општината. Иницијативата ќе биде поднесена до новиот Советот и до градоначалникот Тони Коњановски“, рече Папачек.

    Во Град Скопје последниве четири години Советот изгласува ставка во градскиот буџет (во 2023 беа одобрени 65.000 евра) за да се обезбедат бесплатни менструални производи на средношколките, но тоа ниедна година не се спроведе.

    Во истражувањето „Менструална правда“ од „Тиииит Инк.“ и „Реактор“,  во Македонија беше забележала фрапантна бројка дека 43% од ученички отсуствувале од училиште поради менструацијата. Речиси секоја трета учесничка во истражувањето одговорила дека барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и импровизирала.

    Изминативе години, неколку невладини организации и здруженија постојано истражуваа и апелираа до институциите дека на товар на државниот буџет треба да има бесплатни производи за ученичките во основните и средни училишта, а да бидат достапни и во јавните тоалети низ земјава.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира