Македонската Филхармонија синоќа одржа концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“, дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот. Концертот не е дел од програмата на „Музикферајн“, туку е поддржан од македонското Министерство за култура и туризам и од македонската амбасада во Австрија, како дел од проектот за културна дипломатија и интернационална промоција на македонската уметност.
Како солисти настапија Ана и Игор Дурловски, а со оркестарот диригираше Јерухам Шаровски од Израел. Програмата ги спои македонската музичка традиција и европската класична уметност, со изведба на пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр. 2“ од Бете Илин и „Симфонија бр. 8“ од Антонин Дворжак.
Од Филхармонијата на нивниот Фејсбук профил објавија дека салата била преполна, имало стоечки овации и долг аплауз од виенската публика.
„Оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство. Музичарите од нашиот оркестар, заедно со фантастичните Ана и Игор Дурловски го освоија срцето на виенската публика, која долго и со восхит аплаудираше посебно воодушевена од делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на композиторот Сони Петровски. Македонија блесна таму каде што музиката е религија, а уметноста начин на живот. Со овој концерт уште еднаш потврдивме дека вистински амбасадори на нашата земја не се политичарите, туку уметниците, оние што преку музиката ја носат сончевата светлина на нашата земја во целиот свет“, велат од Филхармонијата.
Од Министерството за култура соопштија дека и државната секретарка Марија С. Ѓоргова присуствуваше на концертот, затоа што министерот за култура Зоран Љутков имал неодложни обврски.
Настапот на сцената на „Музикферајн“ во Виена е заокружување на прославата на 80-годишнината од формирањето на оркестарот, а се одбележуваат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.



