Прв приоритет откако ќе ја преземам градоначалничката функција ќе ми биде за 72 часа чисто Скопје, рече Орце Ѓорѓиевски кој според објавените резултати од Државната изборна комисија со речиси 95.000 освоени гласови од 474.304 избирачи, има околу 30.000 гласови повеќе од неговиот противкандидат Амар Мециновиќ од Левица и е нов градоначалнк на главниот град.
Ѓорѓиевски прославата за победата ја почна минувајќи под Порта Македонија каде беше пречекан со факели од партиски поддржувачи и се упати кон партиското седиште. Потоа за победата му се заблагодари на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Најмногу му благодарам на премиерот Христијан Мицкоски, мојот најсилен столб. И ќе завршам со една моќна мисла на големиот Винстон Черчил ‘Историјата ќе биде наклонета кон мене, затоа што јас имам намера да ја напишам‘, напиша Ѓорѓиевски на неговата фејсбук страница.
Во првата изјава за новинарите пред седиштето на партијата рече дека покрај чистењето на Скопје, приоритети ќе му бидат закочените проекти во главниот град.
На плоштадот ВМРО немаше голема прослава бидејќи лидерот Христијан Мицкоски рече дека заминува да слави во Кичево и Брвеница каде што исто така победија кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
„Скопје ќе го исчистиме заедно со сите јавни претпријатија и општествено одговорни компании. Приоритет ќе ми биде реорганизација на сите јавни претпријатија и реализација на закочените проекти. Веднаш ќе назначам нови директори на сите јавни претпријатија. Ќе работам макотрпно оти оваа не е моја победа туку на граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.
Прашан зошто не доби поддршка од ВЛЕН и како го коментира тоа што освои речиси ист број гласови како во првиот круг, а неговиот противкандидат ги дуплираше, Ѓорѓиевски рече дека е презадоволен од резултатот, а Мециновиќ добил гласови на опозицијата.
Иако победата на Ѓорѓиевски е со значителна разлика, бројот на освоени гласови е помал од оној со кој победи Данела Арсовска во 2021 година, кога беше поддржана токму од ВМРО-ДПМНЕ. Арсовска тогаш освои 118.749 гласови.
Мециновиќ пак го дуплираше бројот на гласови во вториот круг, откако во првиот за него гласаа 30.665 граѓани на главниот град.
А. АНТЕВСКА



