(Од Солун за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина Костова)
Француската ѕвезда Изабел Ипер, една од најголемите современи актерки во светот, во Солун откри дека не ѝ е тешко да игра комплексни ликови, клучно ѝ е да има доверба и разбирање со режисерите и дека секоја улога ја заборава во моментот кога ќе ја изигра. Кажа и дека, да бил жив кога таа ја почнувала кариерата, би сакала да ја игра во филм на Алфред Хичкок и тоа во „Вертиго“, но рече низ смеа „не знам дали ќе бев доволно русокоса за него“.
Ипер (72) е почесна гостинка на 66. издание на Солунскиот фестивал и во нејзина чест се прикажува ретроспектива од 15 филмови од нејзината долга кариера, во чиј избор учествувала и самата. На прес-конференцијата беше воздржано љубезна, на прашањата одговара скудно, но многу директно и прецизно, без поетизирање и фолирање.
Таа е една од ретките европски актерки која работела со режисери од различни делови во светот и ретроспективата го има тој печат. На мастеркласот следниот ден рече дека не се сеќава кога првпат застанала пред камера, но прв која ја снимил бил татко ѝ, со малата камера со која порано се снимале „домашни филмови“.

Избел Ипер во Солун дојде со ќерка ѝ Лолита Сама, со која заедн играа во „Копакабана“ во 2010. (Фото: ТИФФ)
„Можеби можев да одберам и други филмови, но мислам дека овој конкретен избор е добар преглед, кој вклучува многу меѓународни режисери. Филмовите што ги снимив ме прават да се чувствувам комплетна. Тие исто така ме прават да се чувствувам многу привилегирана, поради можностите што ги имав да ги играм сите овие улоги и да работам со сите овие одлични автори“, рече Ипер, која во Солун и лично го претстави најновиот филм, „Најбогатата жена на светот“ од Тиери Клиф.
Едно од неизбежните прашања беше зошто секогаш игра тешки, комплексни и често не баш пријатни ликови.
„Никогаш не ми беше тешко да ги отелотворувам овие ликови. Вистинската тешкотија во филмовите е да се работи со некого што не го разбирате и не му верувате. Ова е клучниот збор во односот актер-режисер: филмот мора да се базира на меѓусебна доверба“, рече Ипер.
А за тоа дали, по толку блескава кариера во филм, има нешто друго на што се радува, таа кажа: „Нема ништо конкретно на што се радувам. Секогаш го барам непознатото. Мојата кариера навистина беше нуркање во непознатото: тоа е токму она што го барам и, обично, она што го наоѓам“.
Најстариот филм во ретроспективата е легендарниот „Порта на рајот“ (1980) од Мајкл Чимино, кој сега има култен статус, но на времето доживеа тежок неуспех.
„Снимањето на овој филм беше навистина фантастично искуство, каде што поминавме седум месеци во Монтана, САД. Овој филм е подеднакво познат по својот успех и неуспех. Беше огромен неуспех на кино благајните: ‘Њујорк тајмс’ го нарече ‘невидена катастрофа’, од која режисерот никогаш навистина не се опорави. Размислував за овој филм многу пати во текот на мојата кариера, откако сфатив дека е авторски филм. Беше многу личен филм, со суров и остар политички коментар за своето време. Можеби денес би бил полесно прифатен“, рече Ипер.
Таа кажа дека и врз неа секако влијае неуспехот на филмовите во кои играла.
„Не снимаме филмови за да останат заклучени в соба, туку за да бидат видени од што е можно повеќе луѓе. Да бидеш прифатен е неразделно поврзано со природата на снимањето филмови. Сепак, јас сум само актерка во филмот и не можам да го носам целиот товар на неуспехот на моите рамена: не се чувствувам лично одговорна за никаков неуспех“, рече Ипер.
А на прашањето што таа самата добива од секоја улога што ја игра, таа рече: „Публиката често им го поставува ова прашање на актерите затоа што не сфаќаат дека филмското снимање е за сегашноста, која автоматски се заборава. Во моментот кога ќе ја изведете улогата, тоа веќе се случило и припаѓа на минатото“, и додаде: „Не верувам дека улогите што ги играм се тешки. Ликовите што ги играм имаат сложени аспекти и контроверзни карактеристики. Сепак, не верувам дека овие специфични квалитети ги прават непријатни. Можеби филмот некогаш имаше јасни разлики помеѓу доброто и злото, но сега овие граници почнаа да се заматуваат и се понејасни“.

Вистинската тешкотија во филмовите е да се работи со некого што не го разбирате и не му верувате. Ова е клучниот збор во односот актер-режисер: филмот мора да се базира на меѓусебна доверба, рече Ипер. (Фото: ТИФФ)
Таа рече дека дека не чувствува оти преземала некакви посебни ризици во кариерата, туку дека многу пати излегувала од својата безбедна зона.
„Ова отсекогаш била идејата што ја имав за снимањето филмови: ми се допаѓаше да снимам филмови во странство, далеку од мојата земја. Првиот пат кога се почувствував како вистинска актерка беше кога учествував во филмот ‘Наследниците’ во 1980 на Марта Месарош од Унгарија. Исто така, снимив многу филмови во Азија со Хонг Санг-су и со Бриланте Мендоза. Снимањето во странство е секогаш фантастично искуство, бидејќи станувате дел од непозната и туѓа територија. Прекрасно е да се биде персонификација на режисер како што е погледот на Хонг Санг-су во неговата сопствена земја“, рече Ипер.
За меѓународната природа на нејзината кариера и разликите што може да ги види со текот на времето, таа кажа дека не гледа никаква разлика.
„Пристапувам кон странското со истата љубопитност како и на почетокот на мојата кариера. Она што можеби се промени е начинот на кој сега се консумира филмскиот производ: сега имаме многу начини да гледаме филмови. Но, најдобриот начин, и единствениот што треба да остане, е на големото платно. Секое друго искуство е инфериорно и помалку вредно“, рече Ипер.
За застапеноста на жените во современиот филм, Ипер рече дека ситуацијата е онаква каква што ја гледала на почетокот на кариерата.
„Секогаш имав среќа и привилегираност. Секогаш барав (и наоѓав) улоги во кои жените имаат централна позиција, тие не се скриени зад маж, туку се во центарот на вниманието. Денес имаме сè повеќе жени режисерки и повеќе жени во филмската продукција воопшто. Во споредба со минатото, секако сме се подобриле, но можеме и подобро“, рече таа.
На прашањето дали има доволно мобилизација од филмската заедница во врска со војната во Газа и зошто нема доволно гласност, Ипер кусо одговори: „Никогаш нема доволно гласност за сите страдања во светот. Тоа е мојот одговор“.



