Триесет и четиригодишниот демократ и левичар Зохран Мамдани е избран за градоначалник на Њујорк, ветувајќи дека ќе ја врати власта на работничката класа и ќе се бори против непријателската администрација на Доналд Трамп. Мамдани ги порази некогашниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, кој доби поддршка од Трамп и републиканскиот кандидат Кертис Слива, што се смета за голема победа на прогресивното крило на Демократската партија.
„Доналд Трамп, бидејќи знам дека ме гледаш, имам неколку збора за тебе: појачај го звукот“, кажа Мамдани откако беше прогласен за победник.
Трамп претходно се закани дека драстично ќе ги намали федералните средства за Њујорк ако победи Мамдани, кого го опиша како комунист. Мамдани, кој е роден во Уганда, е првиот муслиман кој бил избран за градоначалник на Њујорк. Тој за себе вели дека е демократски социјалист, односно скандинавски тип на социјалист и ги отфрла обвинувањата дека е комунист.
„Ако некој може да му покаже на народот предаден од Доналд Трамп како да го победи, тоа е градот од каде што се појавил. И ако постои начин да се заплаши еден деспот, тоа е со демонтирање на условите што му дозволиле да акумулира моќ“, кажа Мамдани, кој на 1 јануари ќе стане најмладиот градоначалник на Њујорк во последните стотина години.
Повеќе од два милиона њујорчани гласаа на изборите, од кои 50% за Мамдани, што е најголемата излезност од 1969 година.
„Њујорк ќе остане град на имигранти, град изграден од имигранти, управуван од имигранти и од вечерва, предводен од имигрант“, рече Мамдани.
Покрај него, кандидатите на Демократите победија и на изборите за гувернер на Вирџинија и Њу Џерси.



