Остануваат уште неколку чекори до усвојувањето на конечната Стратегија за образование 2026-2032, која пет месеци е во процес на креирање, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на втората работилница за изработка на новиот документ, на која учествуваа претставници од институции и од домашни и меѓународни партнерски организации – УНИЦЕФ, Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), УНДП и Светска банка.
Стратегијата за насоката на македонското образование во наредните шест години, кажа Јаневска, треба да ја засили поддршката за наставниците и да го поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни трендови и стандарди.
„ Образованието е скапа работа. Но, вредноста на квалитетот е поголема од која било цена. Започнавме реформски процеси во сите образовни сегменти, одеднаш и паралелно, бидејќи застојот беше очигледен. Тоа ни го потврдуваат ПИСА и ТИМСС, ни го потврдува Шангајската ранг-листа, извештаите на Европската комисија и други релевантни анализи. Веќе година и половина, со силен ентузијазам, спроведуваме програмски определби кои ги даваат првите резултати. Но, за целосна ефективност мора да постои континуитет. Тој континуитет ќе го обезбедиме со новата Стратегија за образование со важност за периодот од 2026 до 2032“, кажа Јаневска.
Во изминатите месеци откако е почнато креирањето на стратегијата слушала, рече, сугестии, предлози и решенија на актуелни предизвици. Додаде и дека по усвојувањето на документот „ќе следува потешкиот дел – достоинствено почитување на пишаното, односно имплементација и мерење на постигнувањата“.
„За нешто попуштав, некаде не отстапував од личните убедувања и визијата што ја имав кога почнав да раководам со ресорот. Останува конечно да ја привршиме стратегијата, да ја донесеме до крајот на годината и од следната година да почнеме со забрзана, тешка работа за која резултите треба да ги очекуваме на среден рок“, изјави министерката.
Претставничката на УНИЦЕФ во Македонија Лесли Милер, кажа дека новата стратегија е можност да се обликува она што е следно, „но не само како еден убав документ, туку и во училниците, заедниците и во животот на децата“.
„Премногу ученици го напуштаат училиштето без основните знаења што им се потребни за да успеат. Немаат вештини во математика, способност да читаат, анализираат и да го разбираат материјалот – тие се основните темели за доживотно учење. Без овие вештини децата се мачат и немаат напредок. Стратегијата за образование треба да биде смела и да гледа кон иднината, да ги применува новите технологии и вештачката интелигенција, но мора да се даде приоритет на основното учење. Не смееме да изгубиме од вид и дека децата што се обесправени поради сиромаштија, попреченост, етничка припадност и натаму се соочуваат со пречки во учењето и за нив е потребна насочена активност, да имаме јасни и мерливи цели, тоа треба да биде клучна компонента на која било стратегија. Ова значи одредување на цели кои се амбициозни, но остварливи. Да се утврди отчетност и системи за мерење на напредоко“, кажа Милер.



