ЦРВЕН ТЕПИХ ЗА ВТОРИОТ МАНДАТ НА ТЕТОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК БИЛАЛ КАСАМИ

    ЦРВЕН ТЕПИХ ЗА ВТОРИОТ МАНДАТ НА ТЕТОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК БИЛАЛ КАСАМИВработените во Општина Тетово наредени во шпалир го пречекаа Билал Касами (Фото: СДК.МК)

    Со црвен тепих распослан од влезот на општинската зграда до неговата канцеларија, вработените во Општина Тетово, наредени во шпалир, го пречекаа Билал Касами и му го честитаа повторниот избор за градоначалник на Тетово. Претседателот на Општинската изборна комисија Зуќуфли Реџепи му го предаде уверението со кое се потврди неговиот повторен избор за градоначалник.

    Касами им се заблагодари на оние над 21.000 граѓани кои гласале за него и најави дека ќе продолжи да ги реализира веќе започнатите проекти. Најави и нови, од кои најголем интерес предизвика проектот за бесплатен градски превоз, за кој Касами рече дека ќе биде изгласан на првата седница на новиот Совет на Општина Тетово.

    „На моите сограѓани им ветив дека ќе имаат бесплатен јавен превоз и тоа ќе биде реализирано. На првата седница на новиот состав на Советот ќе биде донесена одлуката тетовци да имаат бесплатен превоз, со што ќе придонесеме да имаме поуреден град, да се намали хаосот во сообраќајот и да се намали загадувањето“, најави Касами.

    Во вториот круг од локалните избори Билал Касами како кандидат на Вреди го победи Бајрам Реџепи од коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, со разлика од над 5.000 гласови.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира