АКО ДО КРАЈОТ НА МЕСЕЦОТ НЕМА ПРЕСУДА, ЌЕ ИМА ПРОТЕСТ ПРЕД СУДОТ, РЕЧЕ РОДИЛКАТА ОД ДЕБАР ОТКАКО ПАК БЕШЕ ОДЛОЖЕНО ДЕНЕШНОТО РОЧИШТЕ

    АКО ДО КРАЈОТ НА МЕСЕЦОТ НЕМА ПРЕСУДА, ЌЕ ИМА ПРОТЕСТ ПРЕД СУДОТ, РЕЧЕ РОДИЛКАТА ОД ДЕБАР ОТКАКО ПАК БЕШЕ ОДЛОЖЕНО ДЕНЕШНОТО РОЧИШТЕВеапоска очекува што поскоро да има пресуда, но доколку нема одлука до крајот на месецов и се продолжи со одлагање на рочиштата најави секојдневен протест пред судот од 8 до 16 часот. (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Струга денеска повторно беше одложено рочиштето во судскиот процес за осакатувањето на родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, која по породувањето остана без матка, јајник и бубрег.

    Адвокатот на обвинетите не се појави во судница оти бил на друго судење во Битола, а судијата Јордан Јованов вели дека присилни мерки може да се преземат единствено доколку лицата кои се повикани, неоправдано не дошле на расправата.

    „Во конкретниот случај бранителот има приложено доказ дека е повикан на притворски предмет пред Основниот суд во Битоа што значи дека го оправдал изостанокот, така што не може да биде применета некоја присилна мерка према него“, изјави судијата Јованов.

    Судскиот процес со родилката од Дебар, во кој првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство, и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, започна во 2022. Делото застарува во 2026, а досега имаше бројни одлагања, враќања на почеток како и менување на судии и обвинители.

    Судијата Јованов тврди дека нема да дозволи да застари делото, па затоа донел одлука секое следно рочиште да го закажува ден за ден, а секој кој нема да го оправда изостанокот да биде донесен присилно во судница.

    „Загрижувачки во овој случај е тоа што постојано во барањето за одлагање на одбраната се потенцира дека другите предмети се приоритетни, дека се итни и се заборава дека и овој предмет исто така е итен оти има опасност од застареност и токму поради тоа е донесена одлука расправата да се одложува за секој нареден работен ден, како што е и предвидено во Законот“, вели Јованов.

    За оштетената Јилдиз ова се последните очајнички обид пред застарување на делото. Таа очекува што поскоро да има пресуда, но ако нема одлука до крајот на месецов и се продолжи со одлагање на рочиштата најави секојдневен протест пред судот од 8 до 16 часот.

    „Денеска по вторпат е одложено рочиштето поради адвокатот на обвинетиот Мухамед Асани оти имал итно рочиште и сакам гласно да кажам и да повикам и на адвокатот и на судиите дали не е приоритет мојот предмет што веќе пет години сум во овие судски врати и пет години психички се малтретирам и целиот настан, сѐ повторно ми се враќа во моите мисли. Дали ова не е приоритет за да има толку одлагања? Доколку повторно се одложуваат рочиштата ќе повикам јавно на протест пред судот, да слушне цела држава дека конечно овој предмет треба да заврши, да ја добијам правдата, а не да застари делото“, изјави таа.

    Оштетената Веапоска рече дека очекува правда благодарение на супервештчаењето на Судска медицина кое, според неа, ќе докаже вина кај лекарите кои ја оставија без три органи.

    „Ако застари делото срамно е за цела наша држава. Барам само правда, ништо друго“, рече таа.

    Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев смета дека ваквиот начин на одбраната со бројни одлагања само покажува дека обвинетиот е навистина виновен за делото кое му се става на товар и нивниот единствен излез е застареноста на делото.

    „Верувам во Судот дека нема да го дозволи тоа. Длабоко верувам дека овој суд ќе донесе законита пресуда и ве уверувам дека таа пресуда ќе биде осудителна“, вели Јанев.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира