Државната комисија за борба против корупција наскоро ќе добие уште пет привремени антикорупционери. За разлика од седуммината актуелни членови на Комисијата, новите ќе работат исклучиво на проверка на законите, со цел да се откријат можни одредби со кои се овозможува легална корупција. Тие ќе бидат одвоени во специјално одделение, кое ќе ги истражува спорните законските решенија и случаи на судир на интереси, согласно препораките на Европската комисија.
Извори од ЕУ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека паралелните антикорупционери ќе може да направат ревизија на сите постоечки закони, како и на сите нови закони што ќе ги донесе Собранието.
За нивно вработување, Антикорупциската комисија веќе објави оглас, во кој се нагласува дека постапката е итна.
Кандидатите треба да почнат со работа во текот на овој месец.
Потребата од итни реформи во Антикорупциската комисија беше нотирана во последниот извештај на Европската унија за Македонија, во ноември минатата година. Во него беше истакнато дека не е постигнат никаков напредок во борбата против корупцијата.
„Во изминатава година немаше напредок во поглед на идентификување на нерешените прашања. Корупцијата и понатаму е присутна насекаде”, се вели по последниот прогрес извештај на ЕУ.
Во него се препорачува земјата да работи на политичката волја во борбата против корупцијата, преку автономни и ефикасни мерки на службите и надзорните тела, особено на Државната комисија за борба против корупција и се бара зголемување на видливоста на мерките против корупција и на постигнатите резултати, систем за увид во историјата на борбата против корупцијата на високо ниво и ефикасна рамка за заштита на укажувачите, на криминал, согласно ЕУ стандардите.