Основното јавно обвинителство Скопје бара притвор за 23-годишна жена од скопско Р’жаничино бидејќи подолго време го тепала своето шестмесечено бебе. Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против жената која е осомничена за запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопштија од Обвинителството, на 9 ноември во вечерните часови, таа изнервирана затоа што синот плачел, го удирала со раце и тупаници по устата и носот, нанесувајќи му повреди со крварење.
Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот каде престојувала осомничената и уште една пријателка кои го однеле детето на лекарски преглед.
„На Клиничкиот центар на детето му биле констатирани повеќе нови повреди, контузии и хематоми, но и постари подливи од претходни повреди. Во исто време, констатирано е дека осомничената од раѓање не го однела детето ниту на лекарски преглед, ниту на вакцинација, меѓу другото со цел да прикрие дека физички го удира бебето“, велат од Обвинителството.
Детето-жртва за кое не е познат другиот родител е згрижено преку Центарот за социјални работи.



