Обвинителите во Милано отворија истрага за Италијанци кои наводно им плаќале на припадници на војската на босанските Срби за да можат да убиваат граѓани за време на четиригодишната опсада на Сараево во 1990-тите.
Повеќе од 10.000 луѓе беа убиени во Сараево од гранати и снајперски оган меѓу 1992 и 1996 година. Снајперистите беа можеби најстрашниот елемент од животот под опсада во Сараево бидејќи тие убиваа луѓе на улиците по случаен избор, вклучувајќи деца.
Се тврди дека Италијанци и други странци учествувале во масакрот како „снајперски туристи“ откако плаќале големи суми пари на српските војници за да бидат превезени до ридовите околу Сараево и да пукаат во населението од задоволство.
Обвинителите од Милано предводени од Алесандро Гоби започнаа истрага која има за цел да ги идентификува вмешаните Италијанци. Истрагата произлезе од тужба поднесена од писателот Ецио Гавацени, кој собрал докази за обвинувањата и од извештај испратен од поранешната градоначалничка на Сараево, Бењамина Кариќ.
Гавацени кажа дека првпат слушнал за наводните снајперски туристи од италијанскиот печат во 1990-тите, но почнал да истражува понатаму откако го гледал „Сараево сафари“, документарец на словенечкиот режисер Миран Зупанич од 2022 година.
Во документарецот, поранешен српски војник тврди дека групи западњаци пукале врз цивилното население од ридовите околу Сараево, што беше жестоко негирано од српските воени ветерани.
„‘Сараево сафари‘ беше почетната точка. Потоа ја проширив мојата истрага сè додека не собрав доволно материјал за да им го презентирам на обвинителите во Милано“, вели Гавацени.
Тој кажа дека биле вклучени „многу, многу, многу Италијанци“, без да даде бројка.
„Имало и Германци, Французи, Англичани, луѓе од сите западни земји, кои платиле големи суми пари за да бидат однесени таму и да пукаат во цивили. Немало политички или религиозни мотиви. Тие биле богати луѓе кои оделе таму за забава и лично задоволство. Зборуваме за луѓе кои сакаат оружје, а можеби одат и на сафари во Африка“, кажа Гавацени.
Тој вели дека идентификувал некои од италијанските граѓани за кои се тврди дека биле вмешани и очекува да бидат испрашани од обвинителите во наредните недели.



