Родителите за загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 15 ноември ќе протестираат во Скопје. Протесниот „Марш на ангелите“ ќе почне во 12.05 часот на Плоштадот Македонија, од каде што продолжи пред Собранието и пред Кривичниот суд.
Родителите на загинатите деца во видеопорака побараа граѓаните да им се придружат на маршот и да ги поддржат во нивното барање правда за смртта на нивните деца.
„Нашите деца умреа на 16 март. Не бараме од вас милост, бараме да ни се придружите во борбата за правда, затоа што нашите деца го заслужуваат тоа. На 15 ноември маршираме во Скопје за вистината. Ќе тргнеме од Плоштад до Собранието и Основниот кривичен суд. Болката е наша, но борбата е за сите нас, ни треба ваша поддршка, луѓе“, велат родителите кои шест месеци секоја сабота протестираа низ улиците во Кочани.
Судењето за трагедијата во Кочани која се случи на 16 март и во која загинаа 63 лица, на 200 беа повредени, почнува на 19 ноември. Судењето ќе се одржува во судницата во Казнено-поправната установа (КПУ) Идризово. Обвинете за пожарот се 37 лица.
Обвинителниот акт, поднесен првично од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани, па со решение на јавниот обвинител доделен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, беше одобрен во целост, а согласно АКМИС-системот, распределен на понатамошно постапување кај судијката Дијана Груевска-Илиевска.
Обвинителниот акт беше поднесен на втори јули, а Судот на 3 октомври соопшти дека е во целост одобрен. Оценката на обвинителниот акт траеше подолго од истрагата, што е преседан во судството.



