ОСТАНАВМЕ СО СОМНЕЖ ДЕКА ВИСТИНАТА Е СКРИЕНА, БАРАМЕ НЕ САМО ПРАВНИ, ТУКУ ЧОВЕЧКИ И МОРАЛНИ ОДЛУКИ, РЕКОА СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО „ПУЛС“ НА МАРШОТ ВО СКОПЈЕ

    ОСТАНАВМЕ СО СОМНЕЖ ДЕКА ВИСТИНАТА Е СКРИЕНА, БАРАМЕ НЕ САМО ПРАВНИ, ТУКУ ЧОВЕЧКИ И МОРАЛНИ ОДЛУКИ, РЕКОА СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО „ПУЛС“ НА МАРШОТ ВО СКОПЈЕОва е прв марш во Скопје организиран од граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“. (Фото: К. Попов)

    Од Собранието бараме да формира независна комисија за испитување, оти останавме со сомнеж дека вистината остана скриена, рече на денешниот протестен марш во Скопје, Наталија Ѓоргиеска, сопруга на пејачот од групата „ДНК“, Андреј Ѓоргиески, еден од загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Во пожарот на 16 март загинаа 63 главно млади луѓе, а над 200 беа повредени. Ова е прв марш во Скопје организиран од граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“. Маршот на родителите, семејствата и повеќе илјади граѓани почна во 12.05 часот на Плоштадот Македонија, од каде што продолжи пред Собранието и пред Кривичниот суд.

    „Денес зборуваме не само како јавност, туку како родители, како семејства кои сфатија дека трагедијата може да му се случи на секој и дека никој не е заштитен. Ова не е политички повик, ова е повик за правда за вистина и за човечност. Од вас пратеници бараме да формирате независна комисија за испитување. Трагедијата во Кочани е сериозна навреда на основните човекови права. Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија, да се утврди вистината кој не реагирал, кој задоцнил. Никој не треба да состане со мислата дека некој можел да биде спасен. Не бараме сочувство, бараме инстицинална фер постапка и гаранција дека ниедно семејство нема да се разбуди во таква ноќ“, рече Ѓоргиеска пред Собранието.

    Маршот на родителите, семејствата и повеќе илјади граѓани почна во 12.05 часот на Плоштадот Македонија, од каде што продолжи пред Собранието и пред Кривичниот суд. (Фото: К. Попов)

    Борјан Ефтимов од иницијативата „Кој е следен ?“ ги повика пратениците „да размислат што му треба на Кочани, и како што знаат да носат решенија во нивен интерес, да донесат и за Кочани“.

    Судењето за трагедијата во Кочани почнува на 19 ноември. Судењето ќе се одржува во судницата во Казнено-поправната установа (КПУ) Идризово. Обвинителниот акт опфаќа 35 физички лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.

    Пред Кривичниот суд, родителите на загинатите апелираа дека нивната судбина не смее да биде скриена зад институционални пропусти и пресметки.

    „Трагедијата во Кочани ги уништи нашите животи, ние сме гласот на нашите најмили и ви се обраќаме и бараме судење без одлагање, без притисоци и без прикривање на докази. Бараме да се утврди секој факт, секој доказ, премногу семејства живеат во неправда. Вашите одлуки не се само правни, тие се човечки, морални и историски“, рече една од мајките на загинатите.

    Ова не е политички повик, ова е повик за правда за вистина и за човечност. Од вас пратеници бараме да формирате независна комисија за испитувањe, рекоа на протестот. (Фото: К. Попов)

    Блупринт групата за реформи во правосудството, во која членуваат 6 невладини организации за заштита на човекови права, вчера соопшти дека ќе ја следи судската постапка.

    „Би сакале да потенцираме дека недовербата што ја изразуваат родителите и јавноста е гласна и оправдана реакција која впрочем се базира на одамна изгубената сигурност во институциите. Од тие причини државата треба конечно да покаже дека правдата не е апстрактен поим, туку процес што може да се види, почувствува и доживее како вистинска правда. Затоа ја повикуваме судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, целосна еднаквост на оружјата и фер третман за сите учесници во постапката, целосна одговорност за сите кои со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства во текот на процесот. Блупринт групата за реформи во правосудството потсетува дека долготрајноста на постапките за кривични дела со тешки последици претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одолговлекување ја продлабочува болката на семејствата и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите“, вели групата во која се и Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС) и Институт за човекови права (ИЧП).

    (Фото: К. Попов)

    Oбвинителниот акт, поднесен првично од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани, па со решение на јавниот обвинител доделен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, беше одобрен во целост, а согласно АКМИС-системот, распределен на понатамошно постапување кај судијката Дијана Груевска-Илиевска.

    Обвинителниот акт беше поднесен на втори јули, а Судот на 3 октомври соопшти дека е во целост одобрен. Оценката на обвинителниот акт траеше подолго од истрагата, што е преседан во судството.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира