КАФЕАНИТЕ СО НИВНИОТ ОТПАД ГИ ЗАТРУПУВААТ КОНТЕЈНЕРИТЕ, ОД ГРАД СКОПЈЕ ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ ДОБИЈАТ ПОСЕБНИ КАНТИ И ТАРИФНИК ПО КОЈ ЌЕ ПЛАЌААТ

    КАФЕАНИТЕ СО НИВНИОТ ОТПАД ГИ ЗАТРУПУВААТ КОНТЕЈНЕРИТЕ, ОД ГРАД СКОПЈЕ ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ ДОБИЈАТ ПОСЕБНИ КАНТИ И ТАРИФНИК ПО КОЈ ЌЕ ПЛАЌААТВикендов еден угостителски објект во Дебар Маало со камионче донесе купишта кеси со отпад и ги фрли во подземните контејнери на улицата Рузвелтова. (Фото: СДК.МК)

    Кафеаните во Скопје немаат посебни канти за одлагање на отпадот, па ѓубрето го фрлаат во контејнерите за домаќинствата поставени на улиците. Со тоа контејнерите веднаш штом ќе се испразнат се полнат со ѓубре и нема место за сметот од домаќинствата. Дополнителен проблем прават и маркетите кои картонската амбалажа ја фрлаат во садовите.

    САКАМДАКАЖАМ.МК викендов затекна камионче на еден угостителски објект во скопско Дебар Маало како купишта кеси со отпад фрла во подземните контејнери на улицата Рузвелтова. Станарите од околните згради реагираа зошто ги трупаат контејнерите кои постојано се преполни, на што вработениот им одговори дека така му било кажано.

    „Од подземните контејнери ѓубрето се празни само околу, не се празнат целосно. Вработените ни рекоа дека камионите им се расипани. Кај се преполни, па уште кафеаните дополнително носат црни, големи кеси полни смет“, велат жители на улица Рузвелтова.

    Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кога заврши акцијата за 72-часовно чистење на Скопје, најави дека во наредниот период секој правен субјект ќе добие посебен контејнер. Од кабинетот на градоначалникот Ѓорѓиевски денеска ни одговорија дека активно работат сите угостителски објекти да добијат посебни контејнери за одлагање на отпадот, со што ќе се воспостави поуреден и поефикасен систем за управување со комуналниот отпад. Велат дека угостителите и маркетите ќе добијат посебен тарифник и јасно утврдени услови за одлагање на отпадот.

    „Во наредниот период, сопствениците ќе бидат повикани во ЈП ‘Комунална хигиена‘ за склучување договори, со што процесот официјално ќе започне. Предвидено е и маркетите да добијат посебни контејнери. Целта е да го намалиме притисокот врз постојните контејнери и да спречиме ситуациите во кои картонската амбалажа го преполнува јавниот простор. Со воведувањето на посебни контејнери за маркетите, ќе обезбедиме поуреден систем за раздвојување и собирање на отпадот, а истовремено ќе ја зголемиме ефикасноста на комуналните служби. Со новиот тарифник ќе се обезбеди поефикасно управување со отпадот, почисти јавни површини и подобра организација на услугите од страна на ЈП ‘Комунална хигиена‘. Целта не е дополнително оптоварување, туку ред, јасни правила и одржлив систем кој им користи на сите“, велат од Град Скопје.

    Вчеравечер Ѓорѓиевски при обиколка на центарот на градот заедно со премиерот Христијан Мицкоски кажа дека имаат проблеми со камионите за собирање ѓубре.

    „Многу голем проблем имаме само со контејнерите. Ем пари одат за поправки, ем цело време се расипуваат“, рече Ѓорѓиевски.

    За решавање на проблемот со преполните контејнери низ градот, Советот на Град Скопје на седницата која се одржа на 14 ноември донесе одлука за забрана на фрлање ѓубре во контејнерите од 22 до 6 часот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира