Заврши проектот за изградба на типски куќи во близина на манастирот „Свeта Недела“ во Штип, наменети за 41 ромско семејство кои досега беа сместени во старите напуштени згради на поранешното болничко Нервно одделение и на други локации во центарот на градот. Вселувањето во новите типски куќи почна иако населбата не е до крај уредена.
„Изградбата на типските куќи чини 660.000 евра, од кои 440.000 евра се пари од Европската Унија, а 220.000 евра или една третина се обезбедени од Општина Штип. Напоредно со иградбата општинските власти вршеа проценка кои семејства ќе добијат нови домови, па деновиве се врачуваат клучевите за нив“, вели градоначалникот Иван Јорданов.
Со преселувањето од старото Нервно одделение, се создадоа можности да се доизгради новиот булевар од населбата Сењак 4 во должина од 1 км со нов кружен тек и негово поврзување со бупеварот Партизанска кој води до Автобуската станица во Штип. И двата булевара веќе се во функција, а деновиве се предвидува на новиот булевар да се постави сообраќајна сигнализација.
Според општинските власти, за останатиот простор кај поранешното Нервно одделение со Деталниот урбанистички план (ДУП) се предвидува рушење на дотраените и целосно руинирани стари згради и на нивно место да се изгради и уреди нов станбен комплекс.
Т. ЈОВАНОВСКИ



