Грчката иницијатива за европската перспектива на земјите од Западен Балкан ќе се разгледа на утрешната седница на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, на кој ќе учествува грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, соопшти портпаролката на грчкото Министерството за надворешни работи (МНР) Лана Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Герапетритис по учеството на Самитот на Берлинскиот процес во Лондон минатиот месец изјави дека „патот на Западен Балкан кон европското семејство треба да се забрза, а Грција ќе се погрижи во оваа насока со низа иницијативи“. Портпаролката Зохиу денеска кажа дека Западен Балкан ќе биде тема на состанокот на Советот за надворешни работи и ќе биде во рамките на грчката позиција за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот, но не даде повеќе детали за тоа.
„Министерот за надворешни работи на Самитот за Берлинскиот процес се осврна на иницијативите што ќе ги преземе Грција во особено тешки услови за проширувањето и европската перспектива на Западен Балкан. Ова е една тема за која ќе се разговара на состанокот на Советот за надворешни работи. За интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, Грција останува земја што ја забрзува процедурата, секако под предуслов дека се почитуваат и исполнуваат условите, како што се почитување на европското законодавство и владеењето на правото“, рече портпаролката на грчкото МНР.



