Eден месец од отворањето на Дино паркот вреден 500.000 евра, кој предизвика голем интерес кај жителите на Штип и околните места, Советот на Општина Штип донесе одлука да го даде под закуп преку јавен оглас со почетна цена од 250.000 денари месечно (околу 4.000 евра).
Секретарката на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова, пред Советот објасни дека Дино паркот се дава под закуп во интерес на посетителите за да имаат побогата содржина и за сето тоа ќе има јавен оглас. Сепак, оваа одлука наиде на остри реакции од опозицијата во Советот, но и кај дел од граѓаните.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, потврди дека одлуката за закупнината е со рок од 15 години, но закупецот има обврска приходот од билетите, кои не смеат да бидат поскапи од 100 денари, да оди на сметка на Општина Штип. Закупецот ќе има право да прави надградби кои ќе бидат во интерес на посетителите и ќе може да организира и уреди минипростори за кафе и освежувања на отворено.
Според Јорданов, месноста Бриони, каде што се наоѓа Дино паркот на површина од еден хектар, ќе се надоградува и со патека за адреналински спортови, а таму се наоѓа и новиот зимски базен, кој чека технички прием и ставање во функција.
Т. ЈОВАНОВСКИ



