Тетово со голема мултимедијална свеченост ја одбележа 81-годишнина од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор и балистичките сојузници на 19 ноември 1944. Ослободувањето на Тетово освен што е важен датум за градот е значајно и за Македонија, бидејќи тоа беше последен град кој беше ослободен, а со тоа беше означено и конечното ослободување од окупацијата.
На свеченоста, за прв пат посл шест децении повторно беше испеана песната „Барабан бие у Тетоо“ која, од засега неутврдени причини, во почетокот на 1960-тите години век била забранета и скоро паднала во заборав.
Оваа песна, која ја испеале тетовци, зборува за стрелањето на тројца млади партизани од Третиот тетовски партизански одред, кои биле заробени после крвавата битка кај гостиварското село Беличица во септември 1944 година. Тие биле мачени, а потоа однесени во дворот на црквата „Св. Никола“ во Тетово. Балистичките банди предводени од злосторникот Џемо Хаса му наредиле на целото христијанско население од Тетово да дојде во црквата и да го гледа стрелањето на партизаните како опомена повеќе да не се бунтува. Тројцата партизани, Младен Симовски-Требош, Сретен Тофиловски и Андреја Ристовски, биле стрелани во дворот на црквата, но Сретен Тофиловски, иако бил застрелан со 9 куршуми и понатаму давал знаци на живот. Тоа како да ги исплашило балистичките злосторници, па наредиле да го однесат во болница на лекување. Набрзо Тетово било ослободено, а Сретен Тофиловски успеал да го преживее стрелањето. За овој настан тетовци ја испеале песната „Барабан бие у Тетоо“.
На годинашната прослава, по иницијатива на Сојузот на борците од Тетово, песната повторно е испеана од Градскиот хор „Менада“, композитор на музиката е Виктор Коцевски, а автор на аранжманот е Јован Василевски.
На свеченоста традиционално беше доделено признанието „19 Ноември“ за животно дело и особен придонес во создавањето на трајни вредности. Годинава, ова највисоко признание им беше доделено на Панче Васовски-Камџик (постхумно) во областа на културата, на Гојко Ефтоски за новинарство и општествен развој и на Јован Спасеновски-Џагула за спорт. Признанија за особен придонес и создавање трајни вредности добија државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“, „Плус форте радио“ за јавно информирање, Матеј Печеновиќ за театарски остварувања и Никола Трпески-С.А.М. за музика.
З. АНДОНОВ



