Полицијата во Струга поднесе кривична пријава против градежникот, бившиот градоначалник Рамиз Мерко и уште три лица од Општина Струга, оти со несовесно извршување на службената должност на 15 0ктомври придонеле да биде оштетена струшката спомен-куќата музеј на писателот Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство.
Првопријавен 53-годишниот Н. К. како градежник од струшко Велешта се сомничи за оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости. Тој на 15 октомври годинава, спротивно на решението за издавање заштитно-конзерваторски услови, со градежна механизација на катастарска парцела во Струга срушил стара струшка куќа, а при правење ископ ги поткопал темелите од јужниот ѕид на соседната спомен-куќа на Владо Малески која од 2017 е заштитена како значајно културно наследство.
Второпријавената, во својство на архитект-конзерватор во Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, на основниот проект за семејна куќа втиснала службен печат и ставила потпис и одобрила мислење за усогласеност со идеен проект со што свесно постапила спротивно на Законот за заштита на културното наследство, спротивно на Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и спротивно на Решението за издавање заштитно-конзерваторски услови, издадено од Министерството за култура – Управата за заштита на културно наследство. Таа се товари за кривичното дело Несовесно работење во службата.
Третопријавениот Мерко, според кривичната пријава, во својство на градоначалник на Струга, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги овластувањата, спротивно на актите од Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид и решението од Управата за културно наследство, потпишал одобрение за градење на семејната куќа од првопријавениот.
Четвртопријавениот, како раководител на Одделението за урбанизам во Општина Струга, со пречекорување на службената положба го изготвил одобрението за градење, а го одобрил петтопријавениот како помошник-раководител на Сектор за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животна средина во Општина Струга.
Претходно, Завод и Музеј Охрид, после инспекцискиот надзор од Управата за заштита на културното наследство доби рок од 30 дена да преземе итни мерки за заштита на локацијата каде е оштетената спомен-куќа на Владо Малески во Струга, да даде насоки за идни чекори, но и да направи проценка на штетата на објектот кој има големо историско и културно значење.
Куќата на Владо Малески е една од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба во која на 23 септември 1941, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко. Пред куќата стои биста на Кузман Јосифовски-Питу.
На 17 октомври, при посетата на урнатината, министерот за култура Зоран Љутков најави дека веднаш ќе започне проект за обнова и реставрација на Спомен-куќата на Владо Малески, со цел да се зачува нејзиниот автентичен изглед и историскиот дух што го носи овој дом на авторот на македонската химна.
„Министерството за култура и туризам ќе ги вклучи сите надлежни институции, стручни лица и експерти, за обнова на објектот што ќе биде изведена професионално и во целосна согласност со принципите на заштита на културното наследство“, кажа Љутков.
С. ВРЕНЦОВСКА



