Високи функционери на Пентагон пристигнаа во Украина за да разговараат за напорите за крај на војната со Русија, соопшти американската војска. Тимот предводен од секретарот на американската војска Ден Дрискол треба да се сретне со Володимир Зеленски по неговото враќање од Турција денеска.
Ова се случува откако се појавија извештаи дека САД и Русија спремаат нов мировен план, што досега не е потврдено од двете земји. Два добро упатени извора изјавија за „Ројтерс“ дека САД му најавиле на Зеленски дека Украина мора да прифати американска нацрт-рамка за крај на војната со Русија, според која Киев мора да предаде територија и некои оружја.
Дрискол е придружуван од шефот на генералштабот на американската војска Ренди Џорџ и највисокиот американски воен заповедник во Европа, Крис Донахју. Украински функционери претходно изјавија дека разговорите ќе се фокусираат на воената ситуација на терен и на плановите за можен прекин на огнот.
Според новиот американски мировен план, Украина, меѓу другото, мора да ја намали својата војска за половина.
„Вашингтон сака Киев да ги прифати главните точки. Украина немала никаква улога во подготовката на предлозите“, рекле изворите.
Од Белата куќа одбија да го коментираат ова, додека државниот секретар Марко Рубио кажа дека „Вашингтон ќе продолжи да развива список на потенцијални идеи за завршување на војната врз основа на придонесите од двете страни во овој конфликт“.
Висок украински функционер претходно изјави дека Киев добил „сигнали“ за низа американски предлози за прекин на војната, за кои Вашингтон разговарал со Русија.
Руските сили моментално контролираат околу 19% од територијата на Украина и се во офанзива на источниот и јужниот фронт, додека Владимир Путин не се откажува од своите главни услови за завршување на војната, што вклучува и територијални отстапки.
Повикувајќи се на добро информиран американски функционер, сајтот „Аксиос“ објави дека новиот американски план предвидува Украина да ѝ го предаде на Москва делот од источна Украина што моментално не го контролира, во замена за американска безбедносна гаранција за Украина и Европа од идна руска агресија.



