Украина се соочува со засилен притисок од САД да го прифати новиот американски план за крај на војната со Русија, вклучувајќи закани со прекин во обезбедување разузнавачки информации и оружје, изјавија за „Ројтерс“ два добро упатени извора. Еден од нив кажа дека Доналд Трамп сака Украина да го потпише нацртот на договорот до 27 ноември.
„Тие сакаат да ја сопрат војната и сакаат Украина да ја плати цената“, рече еден од изворите.
Володимир Зеленски изјави дека е спремен да разговара со САД откако добил нацрт на новиот план за крај на војната со Русија, што ја принудува Украина на бројни отстапки. Неколкумина американски медиуми ги објавија точките од планот, кој бара од Украина да го предаде регионот Донбас во целост, да ја преполови својата војска и да вети дека нема да се придружи на НАТО, што досега беше неприфатливо за Киев. Остатокот од фронтот би бил замрзнат на сегашните линии.
Според планот, Украина треба да ја намали својата војска на 600.000 припадници и да се откаже од дел од своето оружје, но европски борбени авиони ќе бидат стационирани во Полска како дел од „цврсти безбедносни гаранции“. Планот предвидува и реинтеграција на Русија во светската економија преку укинување на санкциите и поканата за враќање во групата Г7, која со тоа повторно би станала Г8, а замрзнатите руски средства би биле префрлени во инвестициски фонд.
Зеленски, кој вчера се сретна со висока американска воена делегација во Киев, кажа дека ќе разговара со Доналд Трамп во следните денови.



