Никогаш нема да ги предадам националните интереси на Украина, кажа Володимир Зеленски, додека САД го притискаат Киев да прифати план за крај на војната со Русија, што ја принудува земјата на бројни отстапки.
Во обраќањето до нацијата, Зеленски кажа дека Украина се наоѓа во еден од најтешките моменти во својата историја, кога се соочува со избор да остане без еден од своите клучни партнери или без своето достоинство.
Планот бара од Украина да предаде територија и дел од оружјето, да ја намали својата војска и да вети дека никогаш нема да се придружи на НАТО. Исто така, САД ќе обезбедат гаранции, според кои доколку Русија повторно изврши инвазија на Украина, тоа би предизвикало „одлучен координиран воен одговор“ и повторно воведување санкции за Москва. Зеленски кажа дека во следните денови ќе разговара со Доналд Трамп, кој потврди дека сака Украина да го потпише договорот на 27 ноември.
„Украина ќе предложи алтернативи на планот изнесен од владата на Доналд Трамп. Ќе презентирам аргументи, ќе убедувам, ќе предложам алтернативи. Не ја предадовме Украина кога Русија изврши целосна инвазија, нема да го сториме тоа ниту сега“, порача Зеленски.
Тој вели дека следната недела Украина ќе се соочи со голем притисок со цел да ја ослабнат и поделат.
„Ги повикувам Украинците да останат обединети наспроти таков притисок. Националниот интерес на Украина мора да се земе предвид. Не даваме гласни изјави; мирно ќе работиме со Америка и со сите партнери. Ќе имаме конструктивна потрага по решенија со нашиот главен партнер“, рече Зеленски, кој денеска разговарал за планот со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
Иако содржината на планот протече во јавност, Кремљ тврди дека досега не добил ништо официјално од САД.
„Гледаме некои нови елементи, но официјално не сме добиле ништо. Немаше суштинска дискусија за тие точки, но Русија останува целосно отворена за мировни преговори“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.



