ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ АРХИТЕКТИ ВО ЈУГОСЛАВИЈА БИЛ ИНСПИРИРАН ОД СЛОБОДОЉУБИВОСТА НА МАКЕДОНЦИТЕ, РЕЧЕ КУРАТОРКАТА НА ИЗЛОЖБАТА ЗА БОГДАН БОГДАНОВИЌ ВО БИТОЛА

    ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ АРХИТЕКТИ ВО ЈУГОСЛАВИЈА БИЛ ИНСПИРИРАН ОД СЛОБОДОЉУБИВОСТА НА МАКЕДОНЦИТЕ, РЕЧЕ КУРАТОРКАТА НА ИЗЛОЖБАТА ЗА БОГДАН БОГДАНОВИЌ ВО БИТОЛАМаре Јанакова-Грујиќ, Ирена Ружин од Завод и Музеј Битола и Маргарета Спасов, директорка на Завод и Музеј Битола на отворањето на изложбата. (Фото: СДК.МК)

    Во Битола се отвори изложба со фотографии од делата на еден од најпознатите архитекти на 20. век, Богдан Богдановиќ (1922-2010), кој остави силен печат во уметничкото и архитектонско наследство во некогашна Југославија. Тој е значаен и за македонската архитектура како автор на Могилата на непобедените во Прилеп (1961) и Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата во Штип (1974).

    „Богдановиќ има вкупно 20 меморијали на територијата на екс-Југославија, од кои два во Македонија. На македонската културна сцена се појавил како консултант за изработка на урбанистички планови на неколку градови, како и автор на урбанистичката регулација во Прилеп. Врз основа на неговите записи, но и на градбите кои ги остави во Македонија, може да се заклучи дека тој бил длабоко и исконски инспириран од македонското тло, пејзажите, но и од менталитетот и слободољубивоста на луѓето“, рече Маре Јанакова-Грујиќ, историчарка на уметност и основачка на Центарот за истражување и валоризација на градителското наследство „ВАМ“.

    Меѓу неговите позначајни споменични целини се: „Почеток на сѐ’’, споменик за еврејските жртви од фашизмот на Сефардските гробишта во Белград, Партизанските гробишта во Мостар, „Слободиште“ во Крушевац, Спомен-парк во Чачак, Спомен-гробишта во Сремска Митровица, „Камен цвет“ во Јасеновац и други.

    Изложбата ќе трае до крај на декември. (Фото: СДК.МК)

    Напишал над 20 книги за теорија и есеистика на архитектурата и изработил бројни урбанистички проекти и преку 13 000 цртежи. Бил професор на Архитектонскиот факултет во Белград и градоначалник на Белград од 1982 до 1986 година.

    Изложбата во Завод и музеј Битола беше 16. гостување на ретроспективната изложба „Вечито“ посветена на стогодишнината од раѓањето на Богдановиќ.

    „Сакајќи да побегнам од еден, за мене срамен, отуѓен свет на архитектурата, влегов по игра на случајноста во една посебна област во која нема ни модерно, ни немодерно, во која постои само вечното“, рече д-р Ирена Ружина од Завод и музеј Битола, цитирајќи ја неговата изјава од 1972 година, од каде што е изведен насловот на изложбата.

    Изложбата ќе трае до крајот на декември.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира