ДАВАЊЕТО ТЕРИТОРИИ НА РУСИЈА Е ГЛАВНИОТ ПРОБЛЕМ ВО АМЕРИКАНСКИОТ МИРОВЕН ПЛАН, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ

    ДАВАЊЕТО ТЕРИТОРИИ НА РУСИЈА Е ГЛАВНИОТ ПРОБЛЕМ ВО АМЕРИКАНСКИОТ МИРОВЕН ПЛАН, КАЖА ЗЕЛЕНСКИШефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јерман и американскиот државен секретар Марко Рубио на разговорите во Женева (Фото: АП)

    Володимир Зеленски изјави дека главниот проблем во американскиот план за завршување на војната во Украина е давањето територии на Русија. Тој се обрати преку видеоврска во шведскиот парламент ден по разговорите во Женева, каде што американските и украинските преговарачи изготвиле ажурирана и рафинирана мировна рамка и рекоа дека ќе продолжат интензивно да работат на планот во следните денови.

    „Русија сака законско признавање на она што го украла, да ги скрши принципите на територијалниот интегритет и суверенитет. Тоа е главниот проблем. Путин го бара тоа не само од Украина, туку од целиот свет и тоа е многу опасен преседан“, порача Зеленски.

    Тој кажа дека Украина ќе продолжи да соработува со САД и европските партнери за да се дефинираат чекорите за крај на војната. Два добро упатени извора изјавија за „Ројтерс“ дека Зеленски можеби ќе патува во САД уште оваа недела за да разговара со Доналд Трамп за неговиот мировен план со 28 точки. Трамп првично побара од Украина да го потпише договорот до 27 ноември, но викендов кажа дека ова би можело да се случи и подоцна ако преговорите се одвиваат добро.

    „Тие треба да разговараат за најчувствителните точки од планот, како територијални отстапки“, кажа еден извор.

    Трамп вчера ја обвини Украина дека не покажува никаква благодарност за напорите на САД за завршување на војната и ја искара Европа што продолжува да купува руска нафта. Набргу потоа, американскиот државен секретар Марко Рубио објави дека состанокот во Женева поминал многу добро и дека е постигнат огромен напредок кон усовршување на планот.

    Спикерот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук ги изнесе „црвените линии“ на Украина во мировните разговори, кои вклучуваат: нема формално признавање на територии окупирани од Русија, нема ограничувања на вооружените сили на Украина и нема ограничувања за идните сојузи на Украина, како Европска Унија и НАТО. Не се познати деталите од изменетиот мировен план, но според оригиналниот нацрт, Украина мора да вклучи амандман во уставот дека нема да се придружи на НАТО.

    Кремљ кажа дека по разговорите во Женева не добил ажурирана верзија на планот.

    „Администрацијата на Владимир Путин разбра дека се направени некои прилагодувања во мировниот план што Русија претходно го доби, но досега не сме добиле ништо официјално“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, додавајќи дека нема планови за средба на руска и американската делегација оваа недела.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира