Доналд Трамп го повлече својот претходен краен рок за потпишување мировен договор за Украина на 27 ноември и го отфрли извештајот дека американскиот преговарач Стив Виткоф ги советувал Русите како да му пристапат за оваа тема. Тој кажа дека американските преговарачи напредуваат во разговорите со Русија и Украина и дека Москва се согласила со некои отстапки, за што не изнесе детали.
Американска мировна рамка, за која првпат беше известено минатата недела, ја обнови загриженоста дека владата на Трамп би можела да ја натера Украина да потпише мировен план кој силно ја фаворизира Русија. Тој првично се состоел од 28 точки, но по американско-украинските разговори во Женева викендов, бил намален на 19 точки. Украина притоа кажа дека постигнала „заедничко разбирање“ со САД за договор за крај на војната.
Трамп вчера кажа дека оригиналниот план бил дотеран со дополнителен придонес од двете страни и дека Виткоф ќе се сретне со Владимир Путин во Москва следната недела, додека секретарот на американската војска Ден Дрискол ќе разговара со Украинците оваа недела.
„Јас и моите соработници се откажавме од цврст краен рок за потпишување на договорот, но би сакале тоа да се случи најрано што може. Крајниот рок за мене е кога е готово“, кажа Трамп.
Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со Трамп за да разговараат за нерешените „чувствителни точки“, при што од неговата влада притискаат состанок да се одржи до крајот на месецот.
„Сметам на понатамошна активна соработка со американската страна и со претседателот Трамп. Многу зависи од Америка, бидејќи Русија најголемо внимание обрнува на американската сила“, рече Зеленски.
Кремљ претходно соопшти дека Русија досега не била консултирана за новиот нацрт-договор, предупредувајќи дека можеби нема да прифати измени на планот од минатата недела. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека иако Москва била за првичната рамка на САД, ситуацијата би била „фундаментално поинаква“ доколку таа претрпела суштински промени.



