Поголем број ученици од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае се пожалиле на стомачни болки, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Инспекциските служби на Агенцијата во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, денеска спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во училиштето.
„Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето е привремено затворена. Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета, а ќе бидат земени мостри од инкриминирана храна, работни површини, прибор и машини за лабораториско тестирање“, велат од Агенцијата, додавајќи дека по завршување на контролата, јавноста ќе биде информирана за резултатите и изречените мерки.



