Четиричленото семејство од Хамбург кое почина за време на одмор во Истанбул веројатно се отруло од гас испуштен од пестицид што се користел против инсекти во нивниот хотел, според прелиминарниот извештај од обдукцијата.
Семејството Бочек, кое било со турско потекло, престојувало во хотел во истанбулската населба Фатих. На 12 ноември тие се разболеле и отишле во болница, пред да се вратат во хотелот. Вечерта повторно биле примени во болница откако состојбата им се влошила. Децата Кадир Мухамет (6) и Масал (3) починале на 13 ноември, следниот ден починала нивната мајка Чигдем, додека таткото Сервет починал на 17 ноември.
Иако главниот фокус на истрагата во почетокот бил на труењето со храна, истражителите откриле дека соба на приземјето на хотелот неодамна била испрскана со хемикалии, веројатно пестициди.
Во прелиминарниот извештај доставен до обвинителството стои дека фосфински гас, метаболит на инсектицид, бил пронајден во крпите, маските и брисевите земени од различни делови од хотелската соба, соопшти агенцијата „Анадолија“. Обдукцијата потврдила дека семејството не било отруено со храна, што беа првичните сомневања.
Уште двајца туристи кои престојувале во хотелот биле хоспитализирани поради мачнина и повраќање.
Во врска со овој случај се уапсени 11 лица, а хотелот е затворен.



