КАМЕРИТЕ ФАТИЈА 65.000 СООБРАЌАЈНИ ПРЕКРШОЦИ ЗА 12 ЧАСА, КАЖА ТОШКОВСКИ, КАЗНУВАЊЕТО ПОЧНУВА ОД 1 ЈАНУАРИ

    КАМЕРИТЕ ФАТИЈА 65.000 СООБРАЌАЈНИ ПРЕКРШОЦИ ЗА 12 ЧАСА, КАЖА ТОШКОВСКИ, КАЗНУВАЊЕТО ПОЧНУВА ОД 1 ЈАНУАРИЗа поминување на црвено светло направени се 2.800 прекршоци, а нерегистриран автомобил возле 1.000 граѓани; - Центарот на МВР за „Безбеден град“. (Фото: МВР)

    Во првите 12 часа од пробното снимање на улиците се регистрирани 65.000 сообраќајни прекршоци, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од нив, за поминување на црвено светло се 2.800 прекршоци, а нерегистриран автомобил возел 1.000 граѓани.

    „Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата. Нема толеранција за несовесно возење, без разлика дали е во градска зона или на отворен пат. ‘Безбеден град’ е проект кој штити животи и ја враќа дисциплината во сообраќајот“, рече министерот Тошковски при посета на центарот „Безбеден град“ .

    Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, прекршоците документирани со технички средства како камери, сензори и уреди за снимање се сметаат за валиден доказ. Како што велат од МВР, во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци за брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.

    Во декември прекршителите нема да бидат казнувани туку ќе добиваат само опомени дека направиле прекрошок. Казнувањето ќе стартува од 1 јануари 2026.

    Кога системот ќе биде во целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира