СТРАНСКИТЕ ВОЗИЛА МОЖЕ ДА ЈА НАПУШТАТ ЗЕМЈАВА БЕЗ ДА ПЛАТАТ КАЗНА ЗА СООБРАЌАЕН ПРЕКРШОК, АМА НЕ МОЖЕ ДА ВЛЕЗАТ ДОДЕКА НЕ ПЛАТАТ, РЕЧЕ ТОШКОВСКИ

    СТРАНСКИТЕ ВОЗИЛА МОЖЕ ДА ЈА НАПУШТАТ ЗЕМЈАВА БЕЗ ДА ПЛАТАТ КАЗНА ЗА СООБРАЌАЕН ПРЕКРШОК, АМА НЕ МОЖЕ ДА ВЛЕЗАТ ДОДЕКА НЕ ПЛАТАТ, РЕЧЕ ТОШКОВСКИВчера почна пробниот период на проектот „Безбеден град“ , а биле регистрирани над 110.000 прекршоци за 24 часа. (Фото: СДК.МК)

    На странците кои ќе направат прекршок на патиштата низ земјава не може да им се забрани излез, но ќе добијат известување дека нема да можат да влезат на граница ако не ја платат казната, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Вчера почна пробниот период на проектот „Безбеден град“ кој ќе трае еден месец, а од 1 јануари 2026 ќе стартува и казнувањето. Од вчера камерите поставени на улиците снимаат сообраќајни прекршоци.

    Тошковски кажа за 24 часа, само во Скопје биле регистрирани над 110 илјади прекршоци, од кои 90 отсто се поради пречекорување на дозволената брзина. Околу 5 илјади прекршоци биле поради поминување на црвено светло, а околу 1.000 поради нерегистрирани возила.

    „Ниту странските возила нема да бидат исклучени, имаме утврдено правила и процедури како ќе се констатираат прекршоците од страна на конкретен сторител и како ќе бидат наплатени. Странските возила при излез од Македонија не може да бидат спречени да излезат, тоа е согласно закон, и не може да биде поинаку, но ќе бидат информирани дека нема да им биде дозволен влез доколку не си ја платат казната која ја предизвикале. Не велам дека системот е идеален, сигурно ќе има одредени елементи и чекори кои може подобро може да се решат“, кажа Тошковски.

    Според министерот, Македонија е една од земјите со најлоши бројки за загинати во сообраќајки, односно 142 жртви на патиштата.

    „Во просек тоа е 78 жртви на милион жители. Скандинавскиот просек е 20, а европскиот е 45 жртви. Катастрофа сме во тој дел“, рече Тошковски.

    Министерот додаде дека ниту функционерите нема да бидат исклучени од плаќање казни, и дека изминатиов период шофери на најмалку тројца министри, биле казнети за сообраќаен прекршок во рамките на редовната контрола на МВР, независно од „Безбеден град“.

    Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од „Безбеден град“, рече дека ги поддржува применета проектот и негово проширување на целата територија на земјата.

    „Некои велат тоа ќе донесе критика за Владата, тоа ќе донесе силен политички удар, јас велам подготвени сме тој политички удар да го издржиме, само да спасиме некој човечки живот. Затоа што само изминативе недела, две во строгиот центар на главниот град имавме три жртви, што повредени, што би рекол, луѓе коишто го изгубиле животот поради неприлагодена брзина или непочитување на сообраќајните правила. Јас, во разговори со министерот за внатрешни работи, реков подготвени сме како Влада да ги трпиме сите критики. Слушам некои од поранешни пратеници на поранешното владејачко мнозинство на СДСМ и ДУИ го критикуваат ова, возеле 52, 53, 55, па како добивале опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени, бидејќи си има правила што значи прилагодена и неприлагодена брзина. И ако еден човечки живот успееме да спасиме, еве јас сум подготвен целиот товар да го прифатам на себе и да ја прифатам целокупната политичка одговорност, па макар еден да спасиме човечки живот, поради тоа што дел од тие човечки животи се губат поради непочитување на сообраќајните правила, а најчесто тоа се случува со неприлагодена брзина. Ние алармиравме дека до ова ќе дојде, видовте во текот на еден ден колку сообраќајни прекршоци се направени. Голем дел од тие се затоа што несовесни возачи управуваат патнички возила коишто не се регистрирани. Дел од прекршоците, неколку илјади беа вчера поради тоа што поминале на црвено светло. Еве само вратете се назад и ќе видите колку луѓе го изгубија својот живот затоа што некој управувал патничко возило, не ја прилагодил својата брзина и поминал на црвено светло. Ќе повторам, ако треба за тоа да го издржиме политичкиот притисок и удар, сето сум подготвен да го прифатам, само да спасиме човечки живот“, рече Мицкоски.

    Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, прекршоците документирани со технички средства како камери, сензори и уреди за снимање се сметаат за валиден доказ. Како што велат од МВР, во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци за брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.

    Во декември прекршителите нема да бидат казнувани туку ќе добиваат само опомени дека направиле прекрошок. Казнувањето ќе стартува од 1 јануари 2026.

    Кога системот ќе биде во целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира