ШЕСНАЕСЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА КАВАДАРЧАНЕЦОТ КОЈ ЈА УБИ ПАРТНЕРКАТА ВО ЈАНУАРИ

    ШЕСНАЕСЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА КАВАДАРЧАНЕЦОТ КОЈ ЈА УБИ ПАРТНЕРКАТА ВО ЈАНУАРИОбвинетиот Илија Панов не го призна делото во судскиот процес, туку тврдеше дека некој друг е сторител (Фото: СДК.МК)

    Кавадарчанецот Илија Панов (43) доби 16 години затвор откако судијата Зоран Јосифовски од Основен суд Кавадарци го прогласи за виновен за убиство со умисла. На Панов му е продолжен притворот до правосилноста на пресудата.

    Тој беше обвинет дека во неутврден момент меѓу 20 и 22 јануари годинава ја убил својата вонбрачна партнерка Сузана Серенакова (52), исто така од Кавадарци. Делото го извршил во станот во кој престојувала Серенакова на улицата Ѓуро Салај во Кавадарци, каде што таа била пронајдена мртва од ќерка ѝ.

    Вештачењето на психијатрите над обвинетиот, кој бил регистриран наркозависник, покажало дека тој бил свесен за своето дело и насилно ѝ ги затворил носот и устата на партнерката, предизвикувајќи задушување и смрт. Според вештите лица, тој бил со асоцијален развој уште од млада возраст, неговото однесување било проблематично и со низок праг на толеранција.

    Обвинетиот Панов не го призна делото во судскиот процес, туку тврдеше дека некој друг е сторител, а тој бил кај пријател на друга локација во критичниот момент. На облеката и под ноктите на двете раце на убиената Серенакова била пронајдена ДНК единствено од Панов. Се покажало дека раните по телото на Серенакова се одбранбени, добиени при нападот врз неа и се од сторителот.

    Според адвокатот на Панов, Живко Ајтов, методите на докторите кои биле користени при вештачењето биле застарени и не биле релевантни.

    Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира