Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави формирање на нов антикорупциски тим во рамките на програмата „Нова сила“ и објавување на нови, како што ги нарече, „бомби 2.0“ за коруптивни скандали на власта.
Филипче рече дека партијата отвора нов фронт за борба против криминалот заедно со граѓаните, бидејќи превенцијата не успеала, а корупцијата ескалирала. Тој најави дека утре ќе биде објавен нов скандал поврзан со членови на владејачката гарнитура, за кој тврди дека поседуваат докази и документи.
„Ги спремивме новите бомби 2.0. Најавувам дека утре следува нова. Нов скандал, нова корупциска шема поврзана со членови на владејачката гарнитура. За сè имаме докази, имаме документи и ќе ги презентираме пред јавноста“, рече Филипче.
Лидерот на опозицијата најави дека антикорупцискиот тим ќе биде составен од советници, експерти по право и финансии, како и млади истражувачи кои ќе ги анализираат документите и ќе поднесуваат пријави до домашните и меѓународните институции. Дополнително, ќе биде пуштена и платформа преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат корупција и да прикачуваат докази.
Споредувајќи го ВМРО-ДПМНЕ со италијанската мафија, Филипче најави соработка со италијанските антикорупциски институции, но и директен повик до Европското јавно обвинителство.
„СДСМ ја повикува европската обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија, лично да се запознае со малверзациите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата во која се загрозени 130 милиони евра“, изјави Филипче.
Тој додаде дека ќе поднесат иницијатива и до институциите во Италија кои се бореле против Коза Ностра, бидејќи смета дека ако тие успеале да се справат со мафијата таму, може да се помогне и во справувањето со „мафијата на ВМРО-ДПМНЕ“.



