Од 11 декември до 10 јуни догодина нема да сообраќаат повеќе возови, соопштија денеска од Железници. Се укинуваат дел од возовите поради реконструкција на пругата на делницата Скопје-Зелениково.
„Нема да сообраќаат возот број 601 на релација Скопје-Велес, со време на тргнување во 8 часот, возот број 2081 на релација Скопје- Велес со време на тргнување во 13.20 часот, возот број 643 на релација Скопје-Битола, со време на тргнување во 14.30 часот, возот број 2080 на релација Велес-Скопје, со време на тргнување во 12.10 часот, возот број 2082 на релација Велес-Скопје со време на тргнување во 14.24 часот и возот број 642 на релација Жабени-Скопје, со време на тргнување во 11.15 часот“, се вели во соопштението од Железници.
Ова практично значи дека ќе нема патнички железнички сообраќај на делницата од Скопје до Гевгелија и од Скопје за Битола од 7,30 до 16,30 часот. Скопје-Гевгелија, оти делницата која се реконструира Скопје-Зелениково, ја минат возовите и за Гевгелија и за Битола и за Велес. Во овој период од 7,30 до 16,30ч. има интензивен товарен железнички сообраќај, кој пренесува стока до солунското пристаниште за Будимпешта. И тој во овој период од 9 часови нема да се одвива.
Со ова, останува да сообраќаат два патнички воза од Скопје за Гевгелија и два до Гевгелија за Скопје, два од Скопје за Битола и два од Битола за Скопје и по еден од Велес за Скопје и еден обратно. односно железничкиот патнички сообраќај ќе го одржуваат пет пара патнички возови.
П. ПЕЧКОВ



