СУДНИЦАТА ЗА „ПУЛС“ НЕ СМЕЕ ДА СТАНЕ СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА, РЕКОА РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ НА МАРШОТ ВО КОЧАНИ

    СУДНИЦАТА ЗА „ПУЛС“ НЕ СМЕЕ ДА СТАНЕ СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА, РЕКОА РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ НА МАРШОТ ВО КОЧАНИМаршот почна од Паркот на револуцијата, продолжи покрај Управата за јавни приходи и полициската станица, и заврши пред Основниот суд. (Фото: МИА)

    Судницата не смее да се претвори во Струшки вечери на поезијата, апелираа на денешниот „Марш на ангелите“ во Кочани родителите на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. На 16 март во пожарот во дивата дискотека загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

    „Нема да дозволиме лагата да стане официјална вистина. Овој протестен марш е гласот на оние што не можат да зборуваат. Овој марш е чекор на мајки и татковци со скршени срца. Овој марш е крик за правда што ќе одекнува сè додека не се слушне. И затоа денес, пред јавноста, пред судот и пред институциите, порачуваме: Не се откажуваме. Нема да молчиме. Ќе бидеме тука на секое рочиште. Ќе маршира­ме на секој протест. Ќе бараме одговорност сè додека правдата не победи. За нашите деца. За нивните згаснати животи. За иднината на сите деца во оваа држава. Вистината мора да излезе на виделина. Правда мора да има. Виновните мора да одговараат“, рече Александар Наунов, татко на загинато девојче во пожарот.

    Судењето почна на 19 ноември, а на рочиштето на 2 декември сите 35 обвинети се изјаснија за невини.

    Наунов праша дали судницата се претвори во Струшки вечери на поезијата и дали таму се оди за рецитирање или за вистина?

    „Дали зборовите треба да ја покријат смртта на нашите деца? Затоа што, од тоа го слуша јавноста, може да се помисли дека децата не загинале, дека пожар немало, дека никој не е виновен и дека трагедијата била случајна. Но, вистината е сурова е тешка, нашите деца изгореа живи, во чад и во паника, со крикови за помош што никој навреме не ги слушна. Јавното обвинителство објави дека за предметот има повеќе од 200 гигабајти доказен материјал, вештачења, разговори, аудио и видео снимки, извештаи и анализи. Тоа не се празни зборови, тоа се факти. Тоа се трагите на одлуките и неодлуките, тоа е патот на одговорноста. И покрај тоа, одбраната упорно тврди дека никој не е виновен, а уште пострашено е што слушаме нешто што ја навредува и здравата логика, дека некој од обвинетите не знаел дека во градот постоела дискотека, дека никоја институција немала надлежност“, рече Наунов.

    Следното рочиште за судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ е закажано за 10 декември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира