Бугарската влада денеска поднесе оставка по масовните протести низ земјата. Премиерот Росен Жељазков донесе ваква одлука во пресрет на шестото гласање за доверба на владата во парламентот оваа година и само 20 дена пред земјата да се приклучи на еврозоната.
Стотици илјади луѓе се придружија на синоќешните протести, кои се одржаа во Софија и десетици други градови. Малцинската влада, која беше на власт од јануари годинава, се обвинуваше за широка корупција. Под притисок на јавноста, таа претходно го повлече предложениот буџет за 2026, прв изработен во евра.
„Го слушнавме гласот на граѓаните кои протестираа против владата. И млади и стари ја побараа нашата оставка. Оваа граѓанска енергија мора да биде поддржана и охрабрена“, кажа Жељазков.
Меѓу 50.000 и 100.000 луѓе излегоа на вчерашните протести во Софија, барајќи владата да си замине, а добија поддршка и од претседателот Румен Радев.
Бојко Борисов, поранешен премиер и лидер на владејачката партија ГЕРБ, вчера кажа дека партнерите во владејачката коалиција се согласиле да не поднесуваат оставка пред Бугарија да се приклучи на еврозоната на 1 јануари.



