МАЈКАТА НА БЕБЕТО КОЕ ПОЧИНА ВО ПРИЛЕП ДВА ДЕНА ПО ПОРОДУВАЊЕТО БАРАЛА ОД БОЛНИЦАТА ДА БИДАТ ПУШТЕНИ ДОМА

    МАЈКАТА НА БЕБЕТО КОЕ ПОЧИНА ВО ПРИЛЕП ДВА ДЕНА ПО ПОРОДУВАЊЕТО БАРАЛА ОД БОЛНИЦАТА ДА БИДАТ ПУШТЕНИ ДОМАСемејството во Прилеп живеело во скромни услови, а во домот имало уште две деца (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство од Прилеп оформи предмет во врска со бебето старо само осум дена кое без знаци на живот вчера било однесено од семејството во Прилепската болница.

    Обвинителот Стевчо Биновски од ОЈО Прилеп вели дека бебето било родено на 3 декември во истата болница, но по барање на мајката, два дена по породувањето биле пуштени дома.  Семејството во Прилеп живеело во скромни услови, а во домот имало уште две деца, 17-месечно и тригодишно дете.

    „Бевме известени дека на Детското одделение вчера утрото (11.12.2025) беше примено новороденче кај кое по безуспешните обиди за реанизамција била констатирана смрт. Од страна на ОЈО Прилеп е оформен предмет, издадена е наредба за обдукција и истиот ден беше извршена. Пратен е допис до болницата за прибавување на целокупната документација за текот на бременоста и породувањето и за преземените дејствија од страна на лекарите“, вели Биноски.

    ОЈО Прилеп преку МВР дало насоки да се извршат разговори со сите здравствени работници кои постапувале во случајот и со членовите на семејството, а бил направен и увид во домот на семејството.

    Од Прилепската болница соопштија дека кај нив бебето било донесено без знаци на живот, а педијатар и анестезиолог постапиле по протокол, по што случајот бил пријавен во МВР.

    Се чекаат наодите за расветлување на причините за смртта.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира