„Не сум разочарана што „Силјан“ не влезе во потесниот избор за номинација за Оскар, за мене приказната заврши кога ‘Нешнл џиографик’ го купи, како врв во кариерата на еден филмаџија. Но, сѐ е тоа како бонус повеќе и дел од некои елитни игри кои супер е што ние како Македонија имавме шанса да ги играме, рече синоќа режисерката Тамара Котевска, на организираното следење на објавувањето на потесниот избор за номинација во 10 категории. Режисерката рече дека македонската премиера на „Силјан“ се очекува на почетокот на 2026.
Американската академија за филмски уметности и наука вчера ги објави потесните листи за номинација за Оскар, а „Силјан“ не влезе во потесниот избор за номинација ниту во категоријата за Најдобар странски филм, каде беше македонски кандидат, ниту за Најдобар документарец. На 22 јануари ќе бидат објавени петте филмови кои ќе добијат номинација за Оскар во овие категории.
„Македонскиот филм сѐ повеќе расте, ова е уште една врата која отвора простор за нови филмови да бидат видени. Видов дека сега повеќе луѓе ја знаат Македонија на мапата, знаат што се случува, сакаат да дојдат во Македонија, тоа ми е посебно драго. Сакам да им кажам на сите филмаџии во земјава, кои многу ги почитувам, мораме да продолжиме да се бориме. Ние како земја не сме добро политички позиционирани, мораме да го имаме тоа во глава. Можеби некои стремежи се понереални одошто мислиме, како на пример Оскар, тука се други игри во прашање, меѓутоа нашиот напредок е како мотивирани индивиду кои сакаме да направат квалитет во филмот. Сакам овој успех за ‘Силјан’ да биде мотивација за сите други да продолжат да работат интензивно, да постигнеме уште нови резултати“, кажа Котевска, која допатува од Франција на настанот во Скопје кој беше организиран да се следи во живо соопштувањето на Академијата.
На фестивалот Лез Аркс во Франција Котевска на индустрискиот маркет го презентираше дебитантскиот игран филм „Човек против јато“, кој е уште во монтажа, и ја доби наградата Титра од 10.000 евра за постпродукција.
Кампањата за потенцијална номинација во двете категории почна откако во септември „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември ја имаше американската кинопремиера во Њујорк.
Според потесните листи што вечерва ги објави Американската академија за филмски уметности и науки, во конкуренција за номинација за Најдобар документарец ќе бидат „Решението за Алабама“, „Апокалипса во тропските предели“, „Соживот, жими газот!“, „Дојди види ме во добра светлина“, „Прикривање“, „Сечење низ карпи“, „Народни приказни“, „Држејќи го Лиат“, „Господин Никој против Путин“, „Истерувачка на љубовници“, „Моите непожелни пријатели: Дел 1 – Последен воздух во Москва“, „Совршениот сосед“, „Семиња“, „2000 метри до Андриивка“ и „Јануни“. Во оваа категорија годинава се квалификуваа рекордни 201 филм.
Во категоријата Најдобар странски филм на потесната листа се „Белен“ (Аргентина), „Tајниот агент“ (Бразил), „Тоа бее само несреќа“ (Франција), „Звукот на падот“ (Германија), „Кон дома“ (Индија), „Тортата на претседателот“ (Ирак), „Кокухо“ (Јапонија), „Се што остана од тебе“ (Јордан), „Сентиментална вредност“ (Норвешка), „Палестина 36“ (Палестина), „Без избор“ (Јужна Кореја), „Сират“ (Шпанија), „Втора смена“ (Швајцарија), „Леворака девојка“ (Тајван) и „Гласот на Хинд Раџаб“ (Тунис).
Доделувањето на Оскарите е на 15 март.
„Силјан“ имаше светска премиера на годинешниот Венециски фестивал, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. Пред две недели освои две награди на Меѓународната Асоцијација за документарни филмови – ИДА за најдобар документарен филм и најдобра камера, а доби и номинација за најдобар филм за престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit), која е предвесник на Оскарите. Доби и номинација за награда на Здружението на продуценти на Америка (Producers Guild of America -PGA). Котевска и кинематограферот Жан Дакар, кои се продуценти на филмот, се номинирани во категоријата Најдобар продуцент на документарен филм.
Во 2020, документарецот „Медена земја“ на Котевска и Љубо Стефанов имаше историски две номинации за Оскар, како прв филм што беше номиниран и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм.
Б. НЕСТОРОСКА



