Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица осомничени за убиството на 53-годишната жена од гостиварското село Здуње. Осомничениот и осомничената, како соизвршител, на свиреп начин ја лишиле од живот Хава Азизи. Жртвата ја зеле од пред нејзиниот дом на 7 декември, ја однеле во куќата на осомничените, каде започнале расправија за одредени недоразбирања.
Потоа ја затвориле во помошна просторија во сопственост на лице кое престојува во странство. Осомничената донела пиштол, а осомничениот го извршил убиството со еден истрел од огненото оружје. Заедно со количка го внеле телото на жртвата во автомобилот, го однеле во атарот на селото Неготино, каде го спуштиле во ископана дупка, го запалиле и го покриле со земја, гранки и различни предмети. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, се вели во соопштението на ОЈО Гостивар.
На 09.12.2025, Ј. М. (34) од Гостиварско, пријавил дека неговата мајка Х. А. (53), се оддалечила од домот, а подоцна на безбедносните камери забележал дека на 07.12.2025 таа влегува во патничко возило „фиат“, по што била недостапна на телефон. Исто така, тој пријави дека на снимка од безбедносните камери поставени во куќата на негов роднина, забележал дека ноќта помеѓу 06.12. и 07.12.2025 С. М., првиот од двете осомничени лица од страна на ОЈО Гостивар, влегол во неговата куќа и дека биле одземени пари од неговата соба.
На 11.12.2025 во 02:15 часот, С. М. бил лишен од слобода поради сомнение дека ја принудил Х. А. да замине од домот со него. Подоцна, со судска наредба, извршен е и претрес во домот на С.М., по што од слобода е лишена Ѓ. В. (48), второто осомничено лице од страна на ОЈО Гостивар. Во службен разговор во полициска станица, Ѓ. В. признала дека С. М. со пиштол ја убил Х. А., а го посочила и местото каде е закопана. После тоа, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар во присуство на јавен обвинител извршиле увид на местото во атар на село Неготино каде било пронајдено телото на Х. А..
З. АНДОНОВ



