ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА ЗА ИЗВЕДБАТА НА „ПАЛЈАЧИ“ ВО ШТИП ПРЕД 100 ГОДИНИ, ПРВАТА ОПЕРА ПОСТАВЕНА ВО МАКЕДОНИЈА

    ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА ЗА ИЗВЕДБАТА НА „ПАЛЈАЧИ“ ВО ШТИП ПРЕД 100 ГОДИНИ, ПРВАТА ОПЕРА ПОСТАВЕНА ВО МАКЕДОНИЈААвторката Наташа Диденко (во средина), промоторката Билјана Ристовска-Јосифовска и модераторот Мишо Китаноски на промоцијата во Штип (Фото: СДК.МК)

    Во Штип е промовирана монографија од музикологот Наташа Диденко посветена на првата опера изведена во Македонија, „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало, која првпат била поставена во 1925 во Штип. Диденко е истражувачка од Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а пред две години ја објави монографијата за Сергеј Михајлов, основоположникот на музичката култура во Македонија, кој ја режирал „Палјачи“ во 1925.

    Монографијата ја промовираа професорите Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја и Оливер Цацков од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а модератор беше публицистот Мишо Китаноски.

    На промоцијата беше кажано дека со монографијата Македонија слави голем јубилеј, 100 години од првата поставена опера. „Палјачи“ била изведена на 29 август 1925 на италијански јазик и тоа од четворица Македонци од Штип, тројца Руси и еден Србин, кои заедно со Михајлов биле режисери на поставката.

    Диденко вели дека книгата е резултат на повеќегодишни истражувања на музичката култура во Македонија, со особено внимание на локалните музичко-драмски активности, институционалните предуслови за развој на сцената и учеството на поединци кои оставиле трајни траги во македонската музичка историја.

    „Монографијата системски ја анализира продукцијата на операта ‘Палјачи’, вклучувајќи ги сценската поставеност, костимографијата и улогата на хорот и солистите, како и координацијата на музичката и драмската компонента, архивските фотографии и документираните сведоштва, кои ги илустрираат зрелоста на локалните културни средини и нејзиниот придонес кон афирмација на оперската уметност во Македонија“, вели Диденко.

    Авторката додаде дека на тој начин премиерата на „Палјачи“ се прикажува не само како историски настан, туку и како културен и општествен столб кој ја означува транзицијата од аматерските настојувања кон систематизирана оперска традиција.

    „Книгата ‘Палјачи’ ја потсетува јавноста за улогата на градот Штип како колевка на македонската оперска традиција и за значењето на локалните културни иницијативи за националната музичка сцена“, вели Диденко.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира