Загадувањето на воздухот не е само од ПМ честичките од 10 и 2,5 микрометри, туку и од тоа што тие се сврзуваат со други штетни материи, кои со дишењето се внесуваат во човековиот организам и влијаат на здравјето. Ова беше кажано на научната трибина за загадувањето на животната средина во Скопје, организирана од Македонското еколошко друштво (МЕД).
„Проблемот не е само присуството на суспендирани цврсти честички (ПМ), туку и токсичните супстанци што се врзуваат за нив и преку вдишувањето директно навлегуваат во човечкиот организам. Индексот за квалитет на воздухот дава појасна и покомплексна слика за реалното ниво на загадување и за жал, укажува на сериозно неповолна состојба во Скопје“, кажа д-р Марина Стефова, професорка на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје
Таа објасни дека загадувањето е поизразено и повидливо во зимскиот период поради температурната инверзија и зголеменото создавање на фини цврсти честички. Но, загадувањето со штетни хемиски соединенија е присутно во текот на целата година, иако неговите ефекти не секогаш се деднакво видливи.
Стефова како препораки за подобрување на квалитетот на воздухот посочи намалување на емисиите од сообраќајот, намалување на користењето на фосилни горива за затоплување, ограничување на употребата на производи што содржат штетни хемикалии, зголемување на зелените површини, интензивирање на процесите на пошумување, едукација за еколошка одговорност од мала возраст и воведување строги стандарди за емисии, ригорозна контрола и континуиран мониторинг на загадувачите.
Скопје во регионален контекст се издвојува како изразена „жешка точка“ на загадување, а подрачја со зголемено ниво на загадување се и Струмичката и Пелагониската Котлина. Ова го соопшти проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ.
„Иако Скопје се наоѓа во неповолна географска положба во котлина, проблемот е дополнително продлабочен со непланската урбанизација и изградбата на објекти што го попречуваат природниот проток на воздухот долж текот на Вардар. Наместо непречена циркулација, се создаваат ‘вртлози‘ кои го задржуваат загадениот воздух во градот. Со цел подобрување на состојбата, неопходно е спроведување на посеопфатни и порадикални мерки насочени кон намалување на негативните влијанија од сообраќајот, домаќинствата и од индустријата, како и зголемување на зелените површини и подобрување на урбаното планирање“, кажа Милевски.
Тој ја претстави отворената платформа Google Earth Engine, со чија помош можат да се добијат јасни и информативни визуелни прикази за загадувањето, вклучително и по поединечни загадувачки супстанци, како јаглерод моноксид, азот диоксид и сулфур диоксид.
ПМ2,5 честичките се најопасниот непријател. Фините честички навлегуваат длабоко во белите дробови и дури во крвотокот. Во Европа во 2023 од ПМ2,5 биле предизвикани 206.000 смртни случаи во 40 земји. Азот диоксид е загадување од сообраќајот и ги погодува срцето и белите дробови. Само во ЕУ имало 34.000 смртни случаи во 2023. Срцевите заболувања и дијабетесот се најчести последици.
На трибината се зборуваше и за перзистентните органски загадувачки соединенија (ПОПс), кои се присутни насекаде, од пестицидите што се применуваат во земјоделството, до составот на различни текстилни производи што секојдневно се користат.
„Овие супстанци се одликуваат со исклучителна постојаност во животната средина и со способност за биоакумулација и биомагнификација, што ги прави особено опасни за здравјето на луѓето и екосистемите. При нивно континуирано внесување во организмот, особено во поголеми количини, тие можат да имаат канцерогено дејство, да го нарушат функционирањето на нервниот систем, да предизвикаат низа акутни и хронични заболувања и негативно да влијаат врз репродуктивното здравје“, кажа Сузана Андонова од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Професорот д-р. Трајче Стафилов од Институтот за хемија при ПМФ потсети на сериозните недостатоци во системот за одлагање и управување со комуналниот отпад, потенцирајќи дека државата сè уште нема воспоставено функционална мрежа на регионални депонии.
П. ПЕЧКОВ



