ЗГРАДАТА НА РАБОТНИЧКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС СЕ СРУШИЛА ОТИ ИСКОПОТ НА ГРАДЕЖНАТА ЈАМА БИЛ ВЕДНАШ ДО ОБЈЕКТОТ, КАЖА ВЕШТАКОТ

    ЗГРАДАТА НА РАБОТНИЧКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС СЕ СРУШИЛА ОТИ ИСКОПОТ НА ГРАДЕЖНАТА ЈАМА БИЛ ВЕДНАШ ДО ОБЈЕКТОТ, КАЖА ВЕШТАКОТЗградата се сруши на 17 јуни 2022. (Фото: СДК.МК)

    Причината за рушење на зградата на Работничкиот унвиерзитет во Велес е ископот на градежната јама веднаш до градежниот објект. Ова го констатирало вештото лице д-р Владимир Витанов, професор на Градежен факултет во Скопје, во наодот за рушењето на објектот.

    „Дека градежната јама е ископана веднаш до објектот може да се види и од увидот кој го извршив на самото место. Дополнително, имавме и фотографии доставени во доказите, направени од увидот на полицијата“, кажа Витанов како сведок во судскиот процес кој се одвива во Основен суд Велес.

    Претходно надзорот, како и проектантот, кажа дека при ископот на градежна јама е потребно да се работи со кампади, што во овој случај не било така.

    Вториот инвеститор на куќата која се градеше до Работничкиот универзитет сведочеше дека друга фирма, не обвинетата, ги извела градежните зафати непосредно пред рушењето. Кажа и дека немале проект за заштита на соседните објекти.

    „Градежната јама ја копаше ‘Беровиќ транспорт‘, работеа три дена, па ги повлекова камионите и багерот. Копаа до длабочина до која сакаше Сабит, сопственикот на ‘Бени Амар‘. Проект за заштита на градежна јама и за заштита на соседни објекти немавме. Сабит требаше да ја тампонира, уреди и да ја спреми за бетонажа. Таму имаше обрушено некое количество земја и не можеше да се влече водата што ја имаше во јамата. Тоа беше фирмата ‘Рубин коп‘, која ние не ја ангажиравме, туку Сабит. Тој работеше многу малку и тоа на другата страна, кон Вардар, а не кон Работничкиот универзитет“, рече сведокот Абдурахман Шаботиќ, еден од инвеститорите на куќата која се градеше во соседството на Работничкиот универзитет.

    Проектантот на објектот кажа дека тие обрнале повеќе внимание на куќата во соседството, која била лепенка, отколку на Работничкиот универзитет, оти меѓу нив има поголемо растојание.

    Јавната обвинителка Анастасија Миланова побара од сведокот Шаботиќ да каже дали неговиот потпис е тој од сведочењето во Обвинителството, кога не споменал детали кои сега ги соопшти пред судот. Сведокот потврди дека тоа е негов потпис. На ова реагираше бранителката на обвинетиот Рифат Беровиќ, посочувајќи документ од второ сведочење на Шаботиќ во ОЈО Велес од 20.11.2024, кога кажал дека „Работничкиот универзитет не се срушил кога Рифко работел, туку кога Сабит ја започнал градбата, кога била ставена првата плоча“. Шаботиќ потврди дека потписот е негов, но кажа дека имало некои неточности и згрешил во оваа втора изјава.

    Обвинети за рушењето на дел од зградата на Работничкиот универзитет „Благоја Страчковски“ во Велес се Рифат Беровиќ (38) за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност и правното лице ДТТУ „Беровиќ транспорт“ со одговорно лице Елвид Сарачевиќ за Предизвикување опасност при градежни работи. Тие претходно кажаа дека не прифаќаат вина за делата за кои се обвинети.

    Според обвинителниот акт, изведувачите како градежна фирма лиценцирана за таа работа знаеле дека пред да почнат со ископ на градежна јама треба да имаат соодветен проект за заштита на градежната јама и заштита на соседните објекти и дека во работата треба претходно да биде воведен надзорот. Место тоа, работеле без проект за заштита на градежна јама и на објектите во соседството и започнале со широк ископ на јамата веднаш до темелите на Работничкиот универзитет. Како последица на ова, на 17 јуни 2022 се сруши дел од зградата, која е лоцирана до градежната јама.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира