СЕ БАРА ПРИТВОР ЗА АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВЈАНИН СО ПОТЕКЛО ОД НИГЕРИЈА КОЈ ТЕПАЛ ПОЛИЦАЕЦ ВО СКОПЈЕ И НЕОВЛАСТЕНО НОСЕЛ ПИШТОЛ, ОРУЖЈЕ НАЈДЕНО И ВО ХОТЕЛСКАТА СОБА

    СЕ БАРА ПРИТВОР ЗА АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВЈАНИН СО ПОТЕКЛО ОД НИГЕРИЈА КОЈ ТЕПАЛ ПОЛИЦАЕЦ ВО СКОПЈЕ И НЕОВЛАСТЕНО НОСЕЛ ПИШТОЛ, ОРУЖЈЕ НАЈДЕНО И ВО ХОТЕЛСКАТА СОБАВо хостелот каде престојувал најдени се уште еден пиштол ‘глок‘, три рамки со по 15 куршуми, дополнителни 75 куршуми во зипер ќеси, комплет за чистење оружје, три ножа, како и други предмети - фантомка, тактички ракавици, бандажери за раце, сајли за врзување, усб и хартиени документи. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против американски државјанин со потекло од Нигерија, бидејќи неовластено поседувал пиштол и тепал полицаец во Градскиот парк во Скопје. Обвинителството соопшти дека по преземени повеќе истражни дејствија, во текот на вчерашниот ден се обезбедија докази за основано сомнение дека сторил кривично дело Неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик. Воедно, против него е поведена постапка за делото Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383.

    „На 21 декември во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Градскиот парк, осомничениот нападнал полицаец кој се обидел да го легитимира. Со удари со тупаници му нанел телесна повреда на полицаецот, а потоа бил совладан и кај него бил пронајден полуавтоматски пиштол ‘глок‘ со калибар 9мм ‘пара’, како и две рамки со 30 куршуми за тој пиштол. Откако беше утврдено дека странскиот државјанин престојува во хостел во Скопје, јавниот обвинител обезбеди наредба за претрес и во собата во која престојувал осомничениот исто така било пронајдено поголемо количество оружје и муниција – уште еден пиштол ‘глок‘, три рамки со по 15 куршуми, дополнителни 75 куршуми во зипер ќеси, комплет за чистење оружје, три ножа, како и други предмети – фантомка, тактички ракавици, бандажери за раце, сајли за врзување, усб и хартиени документи, за кои е издадена наредба за вештачење“, се вели во соопштението на Обвинителството.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои реална опасност од бегство, можност да влијае врз постапката и сведоците и да ги прикрива доказите, како и опасност да изврши друго кривично дело.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира