Таткото и синот кои го изведоа смртоносниот напад на плажата Бонди во Сиднеј минатата недела фрлиле четири експлозивни направи пред да почнат да пукаат, но тие не експлодирале, пишува во новообјавени документи. Една од бомбите имала големина на тениска топка.
Навид Акрам (24) е обвинет за десетици прекршоци, вклучувајќи 15 обвиненија за убиство, во врска со масакрот на прославата на еврејскиот празник Ханука на 14 декември. Акрам, кој беше застрелан од полицијата, е отпуштен од болница и префрлен во затвор. Вториот напаѓач, неговиот татко Саџид Акрам, е убиен на самото место.
Тие снимиле видеоманифест во октомври, при што седат пред знаме на Исламска држава.
„Акрамови прецизно го планирале овој терористички напад со месеци. Снимките пронајдени во телефонот на Навид покажуваат дека двајцата биле мотивирани од насилна екстремистичка идеологија поврзана со Исламска држава“, кажа полицијата.
Во едно видео тие детално ја објаснуваат мотивацијата за нападот и ги осудуваат „делата на ционистите“. Во друго видео тие се снимени како вежбаат пукање и тактичко движење во рурален дел на Нов Јужен Велс во октомври, кажа полицијата.
„Надзорните камери од плажата Бонди ги снимиле двајцата два дена пред нападот како возат и се шетаат низ областа и вршат извидување“, соопшти полицијата.
Пред да почнат да пукаат од пешачкиот мост на плажата, тие фрлиле четири импровизирани експлозивни направи од домашно производство, но не експлодирале, иако полицијата ги опиша како функционални. Уште една бомба е пронајдена во нивниот автомобил.
Саџид Акрам дошол во Австралија од Индија во 1998, додека неговиот син е роден во земјата. Тие убија 15 луѓе на возраст од 10 до 87 години.



